„Мистична деветка“ е насловен концертот што оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи вечерва. На програмата се дела од двајца руски гиганти – Сергеј Прокофјев и Дмитри Шостакович. Публиката ќе има можност да ја чуе македонската виолинистка Фросина Богданоска во изведба на Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Сергеј Прокофјев. На програмата е и Деветтата симфонија од Дмитри Шостакович.

Шостакович се соочил со драматичен притисок, бидејќи јавноста од него очекувала оваа симфонија по претходните две, кои го отсликувале страдањето, да биде епска и со триумфални пропорции. Без оглед на првичните реакции по премиерата на оваа симфонија, таа во себе ја носи елементарната музичка суштина типична за творештвото на Шостакович и претставува автентично симфониско ремек-дело што редовно се изведува на светската музичка сцена. Во Концертот за виолина и оркестар број 1, Сергеј Прокофјев музички пресликал две дијаметрално спротивни емоции – лирска и саркастична. Станува збор за генијално солистичко ремек-дело, но и возбудлива оркестарска приказна во која Прокофјев го истакнува својот индивидуален творечки сензибилитет.

Фросина Богданоска во 2010-та добива стипендија и понуда за постдипломски студии на Кралската академија во Лондон, а во 2012-та запишува специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена. До неодамна беше член на Симфонискиот оркестар на австриското радио РСО ОРФ Виена и соработник со Виенскиот симфониски оркестар, а сега е член на Каринтискиот оркестар на Театарот во Клагенфурт, каде што оваа сезона служи како водач на први виолини. Свири на виолина изработена од нејзиниот татко Светозар Богданоски.

Концертот „Мистична деветка“ ќе го води харизматичниот холандски диригент Конрад ван Алфен. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна нивото на овој оркестар и тој стана интернационално признаен и беше домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам. Во моментов е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“, во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.