Вечерва од 19.30 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“-Прилеп ќе се одржи концертот „Македонски ноктурна“ на кој ќе настапи пијанистката Ема Попивода. „Македонски ноктурна“ е на композиторот Димитире Бужаровски.

– Иако композициите се напишани во пијанистичкиот стил на Шопен и Лист, музиката сепак е разбирлива и лесно прифатлива за слушање за публиката поради препознатливите теми од македонските народни песни: Зајди зајди, Дали паметиш Милице, Калеш Анѓа, Јовано Јованке, Не си го продавај Кољо чифликот, Деспина, Море сокол пие, Шеќерна, Во влашкото маало, Не се бели Маре мори, Трнушко – велат од ЦК „Марко Цепенков“, посочувајќи дека концертот ќе се одржи според сите протоколи за заштита од коронавирусот и одреден број на посетители.

Ема Попивода е пијанистка со богата интернационална кариера и вистински амбасадор на македонската култура во светот. Нејзиниот талент го забележуваат врвни музички имиња уште од најрана возраст. За време на своите студии, таа има привилегија да учи со реномирани пијано педагози, меѓу кои: Стела Слејанска, Акилес дел Вињ, Вилијам Хауард, Борис Романов, Арбо Валдма, Рита Кинка. Во 2014 година, Попивода ги завршува докторските студии по пијано интерпретација на ФМУ Скопје, под менторство на проф. Стела Слејанска и проф. Димитрије Бужаровски.

Интернационално активна, оваа млада пијанистка ги завршува и студиите на „Моцартеум академија“ во Салцбург, Австрија и „Дартингтон академија“ во Девон, Англија. Попивода се здобива со акредитација за предавање на британската програма за музика, откако ги завршува и IGSCE-студиите на Универзитетот Кембриџ во Велика  Британија.

Концертната кариера на Ема Попивода е богата и разновидна. Нејзиниот репертоар вклучува изведби на дела од класичните, но и дела од современи автори, македонски композитори и нови иновативни музички стилови во кои и самата се јавува како креатор и изведувач. Попивода е основач и уметничи селектор на Фестивалот за современа музика „Модоарс“, во чии рамки настапувале врвни уметници од целиот свет. Попивода работи како професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Повеќепати настапува како солист со Македонската Филхармонија и како солист со филхармонијата од Канада „Вест Кост Симфони“ под диригентство на маестро Бујар Липај. Попивода е дел од триото „Мезо“ со кои бележат настапи низ Европа. Како дел од камерни состави настапува и со ансамблот за современа музика „Кон Темпора“, со Бранко Павловски – 2 кларинет, Јоргос Казикос – кларинет, Јарослав Вирзиковски – обоа, Асами Сате – пијано, Петрит Чеку – гитара, Милица Добај – сопран, Росалба Колосимо – сопран.

Таа е добитник на бројни награди и признанија, како во својата земја, така и на интернационални натпревари. Во дует со пијанистката Татјана Џорлева, ја добиваат правата награда и златен медал на Интернационалниот натпревар во Барлета, Италија. Покрај бројните награди на републичките натпревари во Македонија, таа е победник и на натпреварите „Ф. Шопен“ и „Ј.С. Бах“ во Скопје, како и „Интерфест“ во Битола. Ема е член на светската лидерска мрежа „Глобал бриџес“, каде е претставник на својата земја. Во 2011 година, таа го завршува напредниот тренинг за лидерство во Охрид и се здобива со сертификат за лидер во областа на културата и уметноста.

Ка.М.