Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе одбележи 52 години од основањето со концерт на Симфонискиот оркестар на ФМУ во големата сала на Македонската филхармонија, утревечер, во 20 часот. На програмата се дела од Јозеф Хајдн, Франц Шуберт и Артуро Маркез.

Факултетот за музичка уметност во Скопје, првата високообразовна музичка институција при првиот универзитет во Република Македонија, универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, оваа година одбележува 52 години од своето постоење. За овој период на ФМУ дипломирале, магистрирале и докторирале над 3.000 студенти, меѓу кои видни композитори, научници, интерпретатори, педагози, новинари и балетски уметници што работат во државава и надвор од неа, постигнувајќи забележителни успеси во своите области. На ФМУ предаваа и денес предаваат уметници и научници чии имиња ѝ се добро познати на македонската и светската музичка, балетска и културна јавност. Повеќето наставници на ФМУ своите дипломи за завршено високо образование и за повисоките научни и уметнички степени ги стекнале токму на оваа институција.

Годишнината од основањето, Факултетот за музичка уметност традиционално го одбележува со целовечерен концерт на својот најголем ансамбл, Симфонискиот оркестар, сочинет од студентите на додипломски и постдипломски студии. Симфонискиот оркестар на ФМУ бележи континуиран растеж во своето работење и секоја година го збогатува својот репертоар со дела од класичната и современата музика, вклучувајќи и дела на македонските композитори. Во мај 2018 година Симфонискиот оркестар на ФМУ првпат се претстави надвор од Македонија, успешно настапувајќи, заедно со хорот „Драган Шуплевски“, на најголемиот европски студентски фестивал во Белфор, Франција. Со оркестарот раководи проф. м-р Сашо Татарчевски, познат македонски диригент, кој има добиено повеќе награди на престижни меѓународни натпревари.