Музичката програма на 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт за виолина и пијано на српските уметници Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот.

Драган Средојевиќ е еден од најеминентните српски виолинисти на денешницата кој постојано настапува на концертните подиуми ширум светот. Дипломец на познатиот московски конзерваториум „Чајковски“ од класите на Марине Јашвили и Едуард Грач- по завршувањето на студиите, а на покана на маестро Валери Гергиев тој станува член на оркестарот на театарот „Марински“ со кој настапува и како солист во Русија и на бројни турнеи. На само 25 годишна возраст, Средојевиќ е најмлад концерт мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар со кој настапува на турнеја низ Европа и одржува концерти пренесувани на Би-Би-Си радио.

Познат по неговиот препознатлив звук, техничка прецизност и храбра креативност, Средојевиќ гостува во концертни сали на сите континенти меѓу кои: Карнеги Хол во Њујорк, Сантори хол во Токио, театарот „Бољшој“ во Москва, Филхармонијата во Париз, центарот „Кенеди“ во Вашингтон, Миланската „Скала“, концертната сала „Волт Дизни“ во Лос Анџелес и многу други.

Покрај тоа што е лауреат на бројни национални и меѓународни натпревари, Средојевиќ е добитник на наградата „Белградски ангел“ за уметнички достигнувања доделена од страна на Министерството за култура на Р. Србија. Дел од своето време Драган Средојевиќ го посветува на одржување мајсторски курсеви, а педагошката дејност ја остварува и како асистент на Факултетот за музичка уметност во Белград каде истовремено е запишан на докторски студии под менторство на Марија Јокановиќ.

Средојевиќ свири на редок инструмент од 18 век- виолина изработена од Ф. Лупот која му е отстапена на користење од страна на приватен колекционер.

Пијанистот Ненад Ивовиќ дипломира на Универзитетот за уметности во Белград во класата на проф. Невена Поповиќ како најдобар студент во неговата генерација. Низ годините добитник е на награди и признанија на повеќе од 15 меѓународни натпревари меѓу кои прва награда на натпреварот „Чекор кон мајсторство“ во Санкт Петерсбург, Русија каде настапува и со Петербуршката филхармонија и втора награда на натпреварот „Ариане Катц“ во Тел Авив. По завршувањето на студиите во Белград, Ивовиќ поминува три години во „Бухман-Мехта“ школата за музика на Универзитетот во Тел Авив, Израел каде магистрира во класата на Емануел Красовски. Со рецитали настапувал во: Босна и Херцеговина, Русија, Холданија, Франција, Израел, Египет, САД како и во родната Србија. Учесник е на бројни мајсторски курсеви со еминентни професори како: Андрас Шиф, Дмитри Башкиров, Мишел Далберто, Владимир Фелтсман, Петер Франкл, Михаил Воскресенски, Питер Серкин, квартет „Емерсон“ и др. Во мај 2019 година, Ивовиќ магистрира и на Универзитетот „Јеил“ во САД во класата на Борис Берман, а од септември истата година е помлад соработник на катедрата за пијано на истиот универзитет.