Концертот „Камерна приказна“, кој требаше да се одржи во живо, претходно ќе биде снимен и ќе биде емитуван вечерва онлајн, со почеток во 20 часот, а линкот преку кој ќе може да се проследи ќе биде достапен на фејсбук-профилот на Филхармонијата. На него како солисти ќе настапат Елена Дојчиновска (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа). Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата ќе бидат: Кончерто да камера за флејта и англиски рог од Онегер и Камерна симфонија оп. 73а од Шостакович (арр. Р. Баршаи).
– Додека бил на турнеја во САД, во 1947 година, Артур Онегер добил нарачка од американската мецена Елизабет Спрејг Кулиџ да напише дело за англиски рог. Како солист на ум го имала Луис Спрејер, кој бил вработен во Бостонскиот симфониски оркестар, кому, всушност, и му е посветено делото. Онегер ја добил нарачката во август, се разболел и ја откажал турнејата во САД, во која била вклучена и турнејата во Латинска Америка. Во ноември се вратил во Франција и не пишувал музика сè до летото 1948 година, кога започнал да го пишува Кончерто да камера и го завршил за кратко време. Кончерто да камера првпат било изведено на 6 мај 1949 година, во Цирих, а американската премиера била во април 1950 година.

Во 1946 година, Дмитри Шостакович повторно почнал да пишува гудачки квартет. Веќе го имал совладано предизвикот што му бил фасцинација и на Бетовен – да направи синтеза од ставови со различен карактер и да ги спои во компактно и вивидно дело. Камерната симфонија, всушност, е адаптација од Квартет број 3, која ја направил во 1946 година Рудолф Баршаи, диригент и близок пријател на композиторот. Симфонијата во помасивна форма и звук ги рефлектира многубројните експресии, мелодии и дијалози што во себе ги носи Гудачкиот квартет, посочуваат од Филхармонијата на историјатот на делата што вечерва ќе може да ги чуе публиката онлајн.
Конрад ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признаен оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Тој е и гостин-диригент и на оркестрите на културните центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Соработувал со Рускиот национален оркестар и со солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано, кои резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка.
Флејтистката Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во Филхармонијата на Република Македонија. Со својот лиричен израз и виртуозност се вбројува помеѓу најталентираните флејтисти во државава.

Родена е во Кочани, каде што завршила основното музичко образование, средното музичко образование завршила во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во текот на своето образование посетува голем број семинари и работилници кај истакнати флејтисти, меѓу кои значајна е соработката во последните неколку години со истакнатиот флејтист од Бугарија Георги Спасов. Досега се стекнала со голем број награди и признанија во земјава и во странство. Дојчинова е присутна на македонската музичка сцена и како солистка и камерна музичарка.
Владимир Лазаревски, кој свири на обоа од својата петнаесетта година, дипломирал, магистрирал и докторирал на националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Тој бил на двегодишна специјализација во Бостон, како стипендист на музичката академија „Лонџи“, под менторство на обоистите Вејн Рејпиер и Марк Мекеван од Бостонскиот симфониски оркестар.

Лазаревски е лауреат на меѓународниот музички натпревар „Алегро виво“ во Австрија, како и на „Земјата и луѓето“ во Бугарија. Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика. Моментно е вработен како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на Музичката академија при државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Член е и на камерниот квартет „Мјузик прогресив“, на ансамблот за современа музика „Контемпора“ и симфонискиот оркестар за филмска музика „Фејмс“.