Со изложбата на концертни и промотивни постери и плакати, насловена „Патешествие“, во Музејот на градот Скопје, вечерва, од 20 часот, ќе започне филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Изложбата претставува приказ на кариерата на Влатко Стефановски, но прикажана преку голем број концертни плакати од најразлични периоди од неговата кариера. На отворањето воведен збор ќе даде Урош Вељковиќ, ликовен уметник и тапанар на бендот „Стил темпл“.

– Фестивалот на документарен музички филм ми изгледаше како интересна можност да споделам со јавноста дел од мојата стрпливо собирана и чувана архива на плакати од мои концерти и изданија. Се разбира, колекцијата е многу поголема од она што ќе биде изложено и покажано, ама верувам дека и ова ќе предизвика заинтересираност кај оние што се подобро запознаени со мојата работа. Вистинско шаренило од неколку децении музичка историја, фотографии, различни стилови и правци во графичкиот дизајн, големина, квалитет на хартија и сведоштво за некои други времиња – вели Влатко Стефановски.

Годинешното издание на фестивалот дава акцент на документарни филмови каде што главна улога односно внимание е дадено на гитарата и луѓето што му ги посветиле своите животи на овој инструмент, а со тоа, на некаков начин, станале синоним за него. Филмот што ќе го отвори фестивалот е филмот „Кит Ричардс: Под влијание“ – портрет на Кит Ричардс, кој е срцето и душата на бендот „Ролинг стоунси“. Веднаш по проекцијата, свој соло-настап ќе има Влатко Стефановски.

Секоја вечер од филмскиот фестивал е поделен на жанрови. Третата вечер е блуз-вечер и им е посветена на двајца великани на блузот, Роберт Џонсон и Ерик Клептон. Проекциите ќе се организираат во Кинотеката на Македонија, од 3 до 7 септември.