Концертната серија „Mузика вива во чест на 55 години ФМУ“ како дел од одбележувањето на 55 години од основањето на ФМУ – Скопје, започнува вечерва и ќе трае до 29 ноември.
Како што информираат од Факултетот за музичка уметност, на програмата од концертната серија, која се одржува во Музејот на македонската борба. се дела од светската музичка литература во изведба на студенти.
Денеска со почеток од 20 часот ќе настапат студентите од класите по гудачки интрументи, гитара, дувачки инструменти и камерна музика. На репертоарот утре, во исто време, се студентите од класите по соло пеење и корепетиција, а во понеделник од 20 часот студентите од класите по пијано.
Во рамки на одбележувањето на 55 години од своето основање Факултетот за музичка уметност започнува и со циклус предавања „Научни среди“. Предавањето ќе го отвори професор д-р Снежана Филиповска со тема „Балетската уметност како составен дел од културните збиднувања во Македонија“ на 1 декември на платформата Зум со почеток во 19 часот.
Влезот е слободен, а заради ограничениот број на седишта потребна е резервација.