Концертната промоција на вториот албум на „Рона Нишлиу квартет“, насловен „Миндил“ ќе се одржи в понеделник во 21 часот во салата на Македонската филхармонија, во организација на Културно-информативен центар-Скопје.

Музичкиот албум вклучува десет песни од стотици години музичко наследство, звуци што ја препознаваат креативноста на оваа територија, особено мелодични, лирски и весели нијанси. Внимателно избрани музички содржини што ги спојуваат најубавите песни на албанскиот мелос како: „Бареша“ на Реџо Мулили, „Ме луле те букура“ на Тиш Даја, „Мој е мира те појата“ во верзијата на групата „МАК“ од Косовска Митровица, „Маленџими“ и многу други.

Квартетот е основан кон крајот на 2014 година и оттогаш се претставил на многу концерти и современи и традиционални музички фестивали. Квартетот го сочинуваат: Рона Нишлиу (вокал), Едон Рамадани (пијано), Кирил Туфекчиевски (двоен бас) и Несим Макшуни (тапани). Проектот „Миндил“ го користи уметничкото творештво на Рона Нишлиу и членовите на квартетот за промовирање на заеднички вредности, културно, духовно и музичко наследство.

Појдовна точка на проектот е трансформацијата на традиционалната музика. Албумот ќе има концертни промоции во повеќе градови во Македонија, Косово и во Албанија со цел запознавање на јавноста со музичкото духовно наследство.

Вокалистката Рона Нишлиу е родена на 25 август 1986 година во Косовска Митровица. На тринаесет години се преселила со своето семејство во Приштина. Работела на Радио „Блу ​​Скај“ во Приштина како презентерка. Нишлиу ја претставуваше Албанија на Евровизија во 2012 година во Баку, Азербејџан, откако победи на националниот избор со песната „Суус“.