Денеска се затвора конкурсот за филмска критика што фестивалот „Синедејс“ го распишува секоја година. Апликациите ќе се примаат најдоцна до 12 часот, на мејлот [email protected]. Конкурсот е од отворен карактер, наменет нa оние што би сакале да го прикажат својот неоткриен потенцијал и талент за пишување во овој специфичен новинарски израз. Треба да се испратат максимум три текста, кои не треба да се подолги од седумдесетина реда, а возрасната граница е 35 години.

Наградите за трите најдобри филмски критики ќе ги додели тричлено жири – првата е 12.000 денари, втората 9.000 денари, а третата 6.000 денари. Конкурсот важи само за филмовите во натпреварувачките програми на фестивалот – официјалната селекција и селекцијата „СинеБалкан“.