Издавачката куќа „Арс ламина“ и фондацијата „Славко Јаневски“ го распишуваат третиот конкурс за книжевната награда „пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2021 година. За наградата може да конкурираат сите заинтересирани автори со свои необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца, напишани на македонски јазик, со кирилско писмо. Романите треба да бидат предложени од самите автори кандидати за наградата, кои треба да ги достават во електронска форма на [email protected]. Конкурсот ќе биде отворен до 31 мај.
Ракописите ќе ги оценува тричлена стручна комисија, составена од двајца релевантни и реномирани книжевни дејци и еден претставник на издавачот. Наградата се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 29 октомври. Доколку и некој друг ракопис биде оценет позитивно, издавачот „Арс ламина“ може да понуди објавување и на второрангираните и треторангираните романи.
На минатогодишното, второ издание пристигнаа 61 ракопис, а првото место го освоија Љупчо Петрески со романот „Лазарка“ и Владо Јаневски со романот „Мртвите знаат најдобро“. Во 2019 година, пак, победи ракописот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук, a дополнително „Арс ламина“ го објави и романот „Курвински хроники“ на Александар Русјаков, кој беше позитивно оценет од стручното жири.