На 55. Венециско биенале, пред точно осум години, Хаџи-Василева со проектот „Кожата е идентитет и површина за проекција – репрезентација на душата“ направи мултимедијална презентација за чумата во 14 век во Европа, во кој користеше органски материјали и кожа од животни. Патот на свилата и пренесувањето на чумата преку глувците, всушност, беше метафорично претставување на нејзиниот животен пат од Македонија до Англија, што денес во услови на пандемија добива уште поголемо значење

Делото со кое македонската уметница Елпида Хаџи-Василева ја претставуваше Македонија на најпрестижната изложба на современата уметност во Венеција во 2013 година, насловено „Силентио патологија“, сепак ќе биде изложено во нашата држава. Делото ќе биде изложено на 15 септември оваа година во галеријата „Мала станица“, во рамките на интернационалниот проект „Ние сме тука: идни екологии“ на Британскиот совет и агенцијата „Лукс“ и кураторката Ана Франговска, во соработка со Националната галерија на Македонија.
На 55. Венециско биенале, пред точно осум години, Хаџи-Василева со проектот „Кожата е идентитет и површина за проекција – репрезентација на душата“ направи мултимедијална презентација за чумата во 14 век во Европа, во кој користеше органски материјали и кожа од животни. Патот на свилата и пренесувањето на чумата преку глувците, всушност, беше метафорично претставување на нејзиниот животен пат од Македонија до Англија, што денес во услови на пандемија добива уште поголемо значење.
На Венециското биенале, македонскиот павилјон го посетија 22.131 посетител за да ја видат нејзината инсталација, а книгата со впечатоци беше полна со коментари и лични доживувања. Тогаш авторката не го криеше задоволството од претставувањето на Македонија во најдобро светло, што се потврди со посетеноста и дебелата книга на впечатоци, како и долгата листа на куратори и претставници на медиумите што оставиле контакти и се интересирале за нејзините идни проекти. Исто така дури пет британски галерии од Бристол, Нотинген, Њукасл, Глазгов и Лондон, преку кураторот Џил Хедли, пројавија интерес за изложување на делото и преговорите беа во завршна фаза. Според договорот, „Силентио патологија“ требаше најпрво да биде изложено во Македонија, но, за жал, тоа не се случи и делото остана во студиото на Елпида Хаџи-Василева во нејзиното родно Кавадарци. Две години подоцна, Елпида беше првиот уметник од Македонија што е избран да претставува друга земја, и тоа Ватикан, што значи дека е единствен македонски уметник што трипати учествувал на оваа најпрестижна светска манифестација на уметноста во Венеција. Интересен е и податокот дека проектот со кој ја претставуваше Македонија 50 отсто беше финансиски поддржан од Советот за уметност на Англија.

– Јас сум многу радосна што ќе се случи ова, иако македонската јавност ќе види само дел од делото бидејќи металната конструкција на лавиринтот е уништена. Лавиринтот испреплетен со мрежа од кожурци, всушност, метафорички го покажува мојот животен пат од Македонија до Англија. Не постои скратена патека бидејќи сметам дека ништо не се добива лесно, туку е потребно да се вложат многу труд и енергија. Па, сепак, делото ќе може да ја испрати пораката за традицијата во Македонија и макотрпниот начин на производство на свилата, невработеноста, замената на работниците со машини во текстилната индустрија и сѐ поголемата потрошувачка во светот. Всушност сите мои дела ги правам со материјали што немаат вредност на пазарот, во конкретниот случај кожурците се од третата фаза на обработка, чија вредност е многу мала, како и кожата од глувците, која е со поминат рок и нема никаква вредност. Мојата тенденција е да им дадам друга вредност – вели Елпида Хаџи-Василева.
„Идни екологии“ е резултат на размена со Велика Британија преку изложби и разни други поврзани настани наменети за поширока публика. Македонскиот концепт под наслов „Допирот“ се однесува на „смртоносниот“ допир на човекот што зад себе остава, свесно или несвесно, голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта. На изложбата ќе се претстават и делата на македонските уметници Кристина Пулејкова и Велимир Жерновски.

– Прва од низата активности, која го промовира проектот, беше вебинарот насловен „Екологија на мислата“, кој се одржа на 4 март оваа година, на кој учествуваа седум учесници: Небојша Вилиќ, Ивана Васева, Славица Јанашлиева, ОПА, Велимир Жерновски, Кристина Пулејкова и Елпида Хаџи-Василева. Учесниците на „Екологија на мислата“, сите плодни уметници и куратори на локалната визуелна уметничка сцена, всушност се осврнаа на различните еколошки и политички прашања, чии процеси се во голема мера под влијание на начинот на кој човекот се однесува, експлоатира и ја уништува природата, брзо менувајќи ги условите за живот: загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии… и конечно како и дали сето тоа се рефлектира или преточува во визуелниот јазик, како моќна алатка за издигнување на свеста – вели кураторката на проектот Ана Франговска.