Композиторката Дарија Андовска ја нарекува скандалозна одлуката на Министерството за култура да не го поддржи најстариот и единствен фестивал за современа музика „Денови на македонската музика“, кој, како што вели, е стимулирачки и за авторите и за изведувачите

Еден од најголемите пропусти во ревидираната Годишна програма за култура е отсуството на традиционалната манифестација „Денови на македонска музика“, која се одржува повеќе од четири децении, што предизвика револт во музичките кругови.
Композиторката Дарија Андовска ја нарекува скандалозна одлуката на Министерството за култура да не го поддржи најстариот и единствен фестивал за современа музика „Денови на македонската музика“, кој, како што вели, е стимулирачки и за авторите и за изведувачите.

– Јас Дарија Андовска од Скопје, Македонија, истакната уметница на градот Цирих, добитничка на наградите „Виртуоз“ за најдобар композитор и „Панче Пешев“ за највисоки достигнувања од областа на музичкото творештво, една од најдобрите композитори во Европа според „Мјузик мастерс он еар“, многукратно наградувана на интернационални конкурси, изведувана во цел свет, вонредна професорка на ФМУ и ФДУ при УКИМ, сум понижена дома, заедно со моите колеги композитори. Неоспорно е дека уметничката музика секогаш била на маргините во Македонија, но со ова е веќе во отпадот. Колку за потсетување, културата е еден од стожерите на едно општество. Толку од општеството – реагира Андовска.

И композиторката Ана Пандовска е затекната од одлуката.

– Сојузот на композитори на Македонија е здружение старо 70 години. Членовите се композитори и музиколози, кои се обидуваат да го подигнат нивото за тоа што значи уметничка музика, како и да ги подигнат естетските вредности кај публиката. „Денови на македонска музика“ е фестивал со традиција каде што наши композитори од областа на сериозната музика ги претставуваат своите најнови композиции, но и каде што генерацијата на постарите композитори е застапена со дела, за да се одржи традицијата и да не се заборави што твореле имињата како: Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Властимир Николовски, Гоце Коларовски, Томислав Зографски… На овој фестивал гостуваат композитори од странство, па можеме да чуеме и што е композиторски тренд во светски рамки. Тоа што државата не го поддржува ова здружение е срам за сето она што овие автори направиле, а новите сега прават – вели Пандовска.

Според неа, не треба да заборавиме дека и химната на државата е дело на еден од членовите од ова здружение.

– Првата опера, првото симфониско дело, камерно дело како и новите авангардни композиции што ги создава младата генерација композитори. Како и да е, некој треба да се замисли за третманот на ова здружение и да се најде решение. Зашто наскоро ќе останеме без македонско музичко творештво и презентација на истото тоа – вели композиторката.

Реакции по ревидирањето на Годишната програма за култура има и од други уметници.
Режисерката Зоја Бузалковска смета дека освен корекциите на кардиналните грешки и на катастрофалните одлуки во неколку случаи, сето друго е забошотување, „затнување усти“, пополнување дупки, залажување, тивка уцена на оние што сакаат нивните институции да продолжат да постојат и проектите сепак да бидат реализирани, како-така.

– Во најголемиот број случаи, промените се состојат во дополнување проекти и средства, наместа претумбување во договор со институциите и исправка на некои превиди. Она што не е направено е – тотална, темелна ревизија, во која ќе се преиспита како е можно толку големи (поточно, какви било) средства да се одлеат кај институции што не биле ниту легално отворени кога е завршен конкурсот за оваа програма и како е возможно толку големи средства да се одлеат кај институции и поединци, кои зад себе имаат сосема мало портфолио, никакви успеси и достигнувања во досегашната работа, на сметка на други институции и поединци, кои со години работат успешно и се докажуваат и на домашен и на меѓународен план. Токму во овој дел апсолутно ништо не е променето – вели Бузалковска.

Новата листа, која ја објави Министерството за култура по повторното разгледување на одбиените апликации, ги содржи и реномираните фестивали што првично беа „заборавени“ и тоа е единствената покрупна промена. На списокот на добитниците сега се најдоа и „Скопскиот џез-фестивал“ (4 милиони денари) и „Оффест“ (еден милион), кои првично не добија поддршка. Фестивалот на детска песна „Златно славејче“ за кој комисијата направила пропуст, по повторното разгледување на документацијата доби 400 илјади денари од побараните два милиони. За проектот „Авалон колинг“ сега се издвоени еден милион денари, а корекции има и за проектот „Македонска рок-дискографија“ за кој се издвоени 200 илјади денари. И кумановскиот центар за култура „Трајко Прокопиев“, како организатор на меѓународниот фестивал „Денови на комедијата“, доби 600.000 денари за одржување на годинашното 22. издание на фестивалот од Министерството за култура. Претходно овој фестивал не се најде во програмата.