Карл-Маркус Гаус

Угледниот австриски книжевник Карл-Маркус Гаус, при претставувањето на хрватското издание на својата книга „Европа – неоткриен континент – седум патувања со фотографии на Курт Кендл Карл-Маркус Гаус“ деновиве во Загреб изјави дека во својата книжевна работа се занимава со мали народи и малцински групи и дека книжевноста не би требало да се занимава со добитниците на општествените промени туку со оние што во тие промени губат. Гаус тоа го изјавил на трибина под наслов „Разоткривање“, организирана од Културно-информативниот центар, во соработка со Австрискиот културен форум во Загреб. Истакнал и дека пронаоѓа малцински заедници што чуваат некое друго време и покажуваат како и колку Европа е разновидна и зошто тоа ја прави единствена.

– Ме интересираат човечките судбини, мали детали од секојдневието – напоменал Карл-Маркус Гаус, додавајќи дека престојувал во Свиниа меѓу Ромите, на Црно Море меѓу црноморските Германци, во Литванија меѓу Асирците. Напоменал и дека пред секое патување го проучувал подрачјето каде што оди, а текстовите ги пишува дури откако по средбите со луѓето „ќе се средат сите впечатоци“.

Станува збор за текстови, оценил тој, што се многу повеќе од патописи и напоменал дека тоа се студии за корените, за скриените желби, за љубовта и омразата. Во книгата се објавени студии за словачките Роми, шведските Асирци, италијанските Цимбрими, литванските Караимими и Германци, Ципсерите од Словачка, како и црноморските Германци. Карл-Маркус Гаус е роден во Салцбург во 1954 година, во семејство на подунавски Германци, каде што живее и работи. Досега објавил 25 книги есеи, патописи, репортажи и критики: „Уништувањето на Средна Европа“, „Европски буквар“, „Со мене, без мене“, „Европејците во одумирање“ и др. Добитник е на многу награди.