Македонскиот писател и поет Стефан Марковски деновиве имаше поетски настапи, предавање, читања и претставување на избор од младата македонска поезија во Словенија, во градовите Љубљана и Крањ во рамки на манифестацијата „Прешерново оро“ посветена на големиот словенечки романтичарски поет Франце Прешерн (Врба, 3 декември 1800 – Крањ, 8 февруари 1849).

Панорамскиот избор поезија на млади македонски автори со наслов (Ne)par: (Dvojezični izbor sveže makedonske literature) во издание на Македонското културно друштво „Македонија“ од Љубљана, вклучува песни и од четворица современи македонски поети, а истиот, заедно со поетски настап на Марковски и Аленка Јовановски беше претставен од страна на Намита Субиото, Лара Миховиловиќ и Петра Коршич во културниот центар Trubarjeva hiša literature.

Предавањето на Марковски на Филозофскиот факултет во Љубљана беше посветено на модерните и постмодерни развојни тенденции во македонскиот театар и филм во втората половина на 20-от и почетокот на 21-от век.

Во рамки на манифестацијата Марковски имаше поетско обраќање и во просториите на Македoнското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ во Крањ.