Вчера во просториите на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, Бугарија, се одржа промоција на романите „Каменот од твојот ден“ и „Индиго Бомбај“ од познатата македонска писателка и новинарка Јагода Михајловска-Георгиева. Јагода Михајловска-Георгиева е добитничка на наградите за литература како што се „Рациново признание“, „Роман на годината“ и „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија.

Нејзината плодна и успешна кариера како новинарка е исто толку важна како и нејзината уметничка кариера, особено поради невообичаените теми, карактерни изрази и голема драматика што се чувствува во нејзината проза, која и ги прави толку блиски професиите новинар и писател. „Каменот од твојот ден“ е голема метафора за искачувањето на Хималаите/животот, преполн со филозофски апстракти за смислата на самиот живот и човековото постоење каде што авторката многу лично ѝ приоѓа на проблематиката. Колку си повисоко толку си полесен и чиниш ќе полеташ, додека ги читаш страниците на овој роман. Сижето, пак, на „Индиго Бомбај“ се однесува на Индија, онаква каква што ја знаеме, но и онаква каква што не ја знаеме. Женскиот поглед на работите и речиси трилер-сторијата на Ана (хероината на романот) ни го претставуваат светот на Бомбај (денешен Мумбај) со сите негови вертикални и хоризонтални заплети, но, пред сѐ духовната сила на големата индиска филозофија и начин на разбирање на светот востановен уште од дамнини во таа стара цивилизација. „Многу од работите ги преживеав лично во времето на мојот престој во Бомбај“.

Оваа нејзина реченица од предговорот на бугарското издание кажува зошто на Јагода Михајловска-Георгиева треба да ѝ се восхитуваме како романсиерка и вистинска уметница на доживеаното. Романите се издадени на бугарски јазик од издавачката куќа „Персеј“ и со оваа промоција во КИЦ во Софија почнуваат нејзините следни промоции и претставувања во други градови на Република Бугарија како Ловеч, Стара Загора и Хасково.