Друштвото за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“ од Струмица утре, 25 јуни, во Амфитеатарот во Градскиот парк ќе одржи книжевна вечер „Зборот на Конески“. На настанот ќе присуствуваат професорката Вера Стојчевска-Антиќ и Свето Стаменов, новинар, автор и публицист, кои ќе зборуваат за делото на Конески.

Професорката Антиќ како долгогодишна соработничка на Блаже Конески досега издаде три книги посветени на делото на Конески, а заедно со Стаменов го приредија и зборникот „Навраќања кон Конески“.

Во Амфитеатарот ќе се прикаже и поетскиот видео-перформанс снимен во падините на Беласица, кај Колешинските водопади. Стихови и мисли од и за Конески кажуваат членовите на здружението: Мариета Дукиќ, Катерина Панов-Кожаров, Сузана Мицева, Ана Витанова-Рингачева, Билјана Костадинова и Ице Беличев. Видеото го изработи Кире Пиличев, а продукцијата е на ТВ канал ВИС.

Книжевната вечер посветена на Блаже Конески ќе се одржи по повод стогодишнината од неговото раѓање. Здружението „Иван Василевски“ во знакот на Конески ќе го издаде и двобројот на списанието за литература „Зенит“. Овој настан е во склоп на манифестацијата „Струмица-град на културата 2021“.