Друштвото на писателите на Македонија секоја година традиционално ја доделува наградата „книжевен жезол“ за поетски опус со високи естетски вредности на еден домашен и на еден странски поет. Претседателството на ДПМ од номинираните кандидати за добитници на оваа престижна награда за 2018 година, по пат на гласање ги избра македонскиот поет Радован П. Цветковски и албанскиот поет Ариан Лека.

Радован П. Цветковски има богато творештво со преку четириесет книги, и тоа: збирки поезија, збирки раскази, критики, проза за деца и млади, како и книги од областа на фолклористиката и дијалектологијата. Меѓу неговите збирки поезија се вреднуваат: „Моето поднебје“ (1971), „Кругови од лузни“ (1974), „Бели несоници“ (1982), „Даги“ (1999), „Сонето претчувство“ (2006), „Потпрено небо“ (2012)… Поезијата му е преведувана на англиски, руски, француски, фламански, полски, турски, бугарски и на други јазици.

Ариан Лека дипломирал на Универзитетот во Тирана, на Отсекот за албански јазик и литература, а магистрирал модерна уметност во Фиренца, Италија. Автор е на повеќе збирки поезија, прозни книги, есеи и литература за деца. Негови позначајни поетски збирки се: „Бродот на сонот“ (2000), „Страбизам“ (2004), „Морска книга“ (2009), „Поправање грешки“ (2010). Преведуван е на германски, англиски, француски, италијански, шпански, романски, бугарски, српски, македонски и кинески јазик.