Издавачката куќа „Антолог“ е побогата за уште една книжарница, но овој пат книжарница на тркала – сосема нов и иновативен концепт, кој ги подигна на друго ниво достапноста на книгите и културата на купување книги. Новата подвижна книжарница на „Антолог“ официјално почна со работа на плоштадот „Македонија“, а потоа ќе ја менува својата локација низ целата држава, доближувајќи ги сите најактуелни наслови и автори дури и на најнеочекуваните места.

– Одамна размислувавме за можноста што повеќе да ги доближиме книгите до нашите читатели што секојдневно нè следат и нè поддржуваат, особено во оние места каде што, за жал, бројот на книжарниците и достапноста на книгите се на многу ниско ниво. Атрактивната книжарница ќе патува низ целата земја за да биде што поблиску до книгољупците, задржувајќи го сепак оригиналниот уметнички концепт по кој како бренд сме препознатливи. Покрај богатиот асортиман на домашна и преводна литература за сите возрасти, идејата е и да прерасне во атракција што ќе обединува книжевни настани, промоции, средби и гостувања на автори – велат од „Антолог“.