Новите книги не се издвојуваат само со современите илустрации туку и со текстовите, кои се емпатични, топли и зборуваат на едноставен детски јазик, на теми што понекогаш и не се толку едноставни, вели авторот на сликовници и илустрации Ване Костуранов

Сликовниците за деца добиваат нов современ лик, бројот на современи бајки расте, литературата за деца е во подем, имаме нова генерација автори, илустратори, издавачки куќи специјализирани за литература за деца… Приказните конечно добиваат современ израз. Илустраторите се согласуваат дека напредокот е видлив.
– Во сите развиени земји сериозно се вложува во литературата за деца и во нејзина промоција. Некои умни луѓе уште многу одамна сфатиле дека описменувањето на децата, а посебно развивањето на читачките навики се оформува од најраната возраст на децата. Кај нас имаше огромен период од околу 20-30 години во кои продукцијата на книги за деца беше исклучително мала. Овој огромен јаз создаде потреба од нови приказни и нова визуелна естетика, па последниве неколку години можеме да забележиме дека има интензивен раст во квантитетот на издадени книги и сликовници за деца.
Речиси сите издавачки куќи почнаа да ги збогатуваат своите изданија со книги за деца, а се појавија и неколку нови издавачи со фокус исклучиво на изданија за деца. Исто така се преведоа и се преведуваат многу интересни и современи наслови од светската литература за деца. Со зголемената продукција се појавија многу нови автори што пишуваат за деца, но и нови илустратори, кои направија прекрасни книги. Се направија и споеви на старите и новите автори, па така некои важни и подзаборавени текстови повторно може да ги читаме, збогатени со нови современи илустрации – вели Ване Костуранов, уметник и илустратор и автор на сликовници за деца.
Последните неколку години се создадоа книги со кои растат новите генерации деца, тоа е особено важно за развојот на нивната визуелна естетика, оформувањето на нивниот книжевен вкус и развивањето на нивните навики за читање, дополнува тој.
– Новите книги не се издвојуваат само со современите илустрации туку и со текстовите, кои се емпатични, топли и зборуваат на едноставен детски јазик, на теми што понекогаш и не се толку едноставни. Има уште долг пат за одење додека фатиме чекор со светската литература за деца, но важно е што во последно време го забрзавме чекорот – истакнува Ване.

„Sвездено дете“, „Девојче и мече“, „Девојчето и градот“ во издание на „Арс ламина“ се негови авторски книги, а како илустратор се потпишува на „Мирко Немирко“, „Јас“, „Животот на една слика“ во издание на „Креативна мрежа“, „Споменик од песни“ во издание на „Темплум“, „Невидливата куќа“ во издание на „Чудна шума“ и други.
И Катерина Тери Николовска е наша современа илустраторка, која се потпишува на повеќе сликовници меѓу кои „Кралот Арктик и Северот“, „Волшебната комета“, „Шарената Куќа“, „Ута од планините“, „Тигар на улица“ и многу други.
– До пред четири-пет години многу малку можевме да најдеме сликовници од наши автори во книжарниците, а денес можеме да ги најдеме дури и во маркет, и тоа во доста голем избор. Апсолутно има развој на литературата за деца и расте сѐ повеќе и повеќе. Многу ми е драго што сѐ повеќе автори покажуваат интерес за продуцирање сликовници, а со тоа се надевам сѐ повеќе ќе има интерес и за читање кај децата. Во Македонија има толку многу теми за детски книги што се повторуваат, а има толку многу теми што треба навистина да се обработуваат, но се надевам дека сме на добар пат со самото тоа што веќе има сѐ повеќе автори и илустратори – вели Катерина.
Дека има широка палета на избор на сликовници потврдува и илустраторката Инес Ефремова.
– Растев со сликовниците од бившојугословенски илустратори и добро се сеќавам на периодот, по втората половина на 1990-тите, кога одеднаш снема локално творештво, па имавме само „увоз“ на илустрации, и тоа најчесто лошо дизајнерски преработени. Кога пред некоја година решив да се занимавам со илустрација, бев пријатно изненадена од бројот на нови млади автори што создаваат современо и оригинално. Ме радува што, кога избирам сликовници за ќеркичката, имам одличен избор на наши автори и не морам да набавувам само сликовници од странски автори за да добијам квалитет. Претпоставувам дека ваквиот позитивен раст во продукцијата на сликовници е сплет на околности како смената на генерации, независните издавачки куќи водени од познавачи и ентузијасти, интернетот што ги доближува светот и трендовите и сл. Важно, нештата дефинитивно се менуваат на подобро и имаме голем број илустратори што се изразуваат во разни уникатни стилови – вели Инес.

„Македонски календар“ е нејзината прва сликовница.
– Државните институции не одделуваат доволно средства, поголемите издавачки куќи преферираат да поминат „поевтино“, па користат готови илустрации или (лошо) ги дизајнираат, пазарот е мал… Но кога се сака, се наоѓа начин и верувам дека особено интернационалното вмрежување што сега е олеснето од интернетот ќе нѐ отвори и ќе нѐ прави конкурентни во светски рамки – дополнува Инес.
Никола Гелевски, иницијатор на фестивалот „Друга приказна“, кој е посветен на сликовниците и главен уредник на издавачката куќа „Темплум“, се залага за афирмација на сликовницата како книжевна форма.
– Во Македонија имавме добри уметници и цртачи и пред повеќе од 30 години, кога јас ги објавував првите книги, и сопствени и туѓи. Со Игор Тошевски во „Наш свет“ објавувавме многу интересен стрип (или илустрирани раскази) под наслов „Призрак против Сенка“. Со Ацо Станковски малку подоцна, на почетокот на деведесеттите на минатиот век, создадовме огромен стрип, над 800 страници, „Лабрис“. Го објавувавме во продолженија во списанието за стрип „Лифт“. И Тошевски и Станковски уште тогаш беа, веројатно, над нивото и на најдобрите сегашни помлади илустратори и уметници. За жал, во тоа време „системот“ не ја препознаваше важноста на графичката култура. Во таа смисла, денес зборуваме за бум на тоа поле, за цел генерациски наплив на нови талентирани илустратори, графички дизајнери и уметници. Барем на тоа поле времето се смени на подобро. И факт е дека денешните книги изгледаат неспоредливо подобро од книгите од пред педесет или триесет години. Напредокот е баш видлив. Заслужни за тоа не се само илустраторите туку и графичките дизајнери, малку покултурните (барем на ликовен план) уредници, подобрите печатници итн. Но огромен е просторот за понатамошен развој зашто и на ова поле, сепак, заостануваме зад соседните земји, особено на образовен план – вели Гелевски.