„Уметничкиот одговор на егзистенцијалните парадокси – примери од историјата на македонското современо сликарство“ е новата книга на Љубен Пауновски, а ја објави „Кродо“ од Скопје. Темата во книгата е елаборирана на 292 страници и содржи 117 црно-бели репродукции од светската и македонската уметност и 142 колор-репродукции од македонските уметници.

Особено значајно во оваа книга е што Пауновски главниот акцент во разгледувањето на македонските уметници го ставил на искуствата што тие ги внеле во сликите врз основа на личните учества во животот. Ја барал и продлабочено и проникливо ја анализирал и толкувал нивната стилска и идејна уметничка особеност, според него релевантна и во меѓународни рамки.
Во монографскиот вид на студии за секој од десетте избрани примери од македонското сликарство на 20 и 21 век, Пауновски пишува за Никола Мартиноски, Спасе Куновски, Васко Ташковски, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Владимир Георгиевски, Свето Манев, Милош Коџоман, Александар Станковски и Атанас Ботев.