Летна школа во Охрид

Во рамките на 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид е промовирана книгата „Теми за македонската литература 20 век“ од руската славистка, академик Ала Шешкен, професорка на московскиот државен универзитет „Ломоносов“.
Ала Шешкен, покрај тоа што е активна на школите на МСМЈЛК, со својата севкупна активност како славистка и компаративистка се издвојува како еден од најистакнатите и најпосветени промотори на македонската книжевност во меѓународни рамки. Со своите истражувања таа ги поставува темелите на систематското концептуално предавање и проучување на македонската литература на универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Шешкен држи предавања и специјални курсеви од историјата на македонската литература, култура и македонската литературна критика на катедрата за словенска филологија при Филолошкиот факултет на универзитетот „Ломоносов“. Авторка е на над 200 научни трудови, од кои најголемиот дел се посветени токму на македонската книжевност.

Најголемиот дел од најновата книга на Шешкен е посветен на развојните процеси на македонската книжевност во дваесеттиот век, со акценти на тематските и стилските особености во делата на десетици македонски писатели што оставиле впечатливи траги во доменот на поезијата, прозата и драмата. Со ваквиот научен пристап, книгата претставува своевидна историја на македонската книжевност во минатиот век.
Од 2007 година, Ала Шешкен членува во Македонската академија на науките и уметностите. Добитничка е на меѓународното признание „Блаже Конески“ во 2015 година, за придонес во проучувањето и афирмацијата на македонската литература и македонскиот јазик. Оваа година таа ја доби наградата „Почесно Рациново признание“.
На 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ учествуваат четириесетина странски слависти и македонисти од 15 земји од светот.