„Македоника литера“ ја објави книгата „Албанскиот проблем во Југославија по Тито (1980 – 1990)“ од Маријана Стамова, докторка по историски науки и доцентка на Институтот за балкански студии со Центар за тракологија при Бугарската академија на науките.
Во оваа книга се разгледува и се оценува турбулентниот период меѓу два важни историски настана: смртта на Тито и почетокот на посттитовскиот период, кога имаше сериозни знаци на распаѓање на Југославија (растечки економски тешкотии; ослабена политичка будност итн.), и XIV вонреден конгрес на СКЈ, кога се создаваат објективни услови за реално распаѓање на државата. Во овој контекст, албанскиот фактор зазема особено важно место за иднината на југословенската федерација во судбоносните 80-ти години на минатиот век. Научноистражувачкиот интерес на авторката за албанскиот проблем во Југославија по смртта на Јосип Броз-Тито во 1980 година е предизвикан од бурните настани од тоа време согледани од историска временска дистанција.
Оваа студија на Стамова се потпира на богата фактографија, користена од голем број библиографски а архивски извори. Бидејќи во неа е темелно елаборирана политичката состојба на тогашна Југославија во период од една деценија, во која всушност се менуваат, заоструваат и преуредуваат и односите во самата федерација и односите меѓу федералните единици, оваа книга на Маријана Стамова истовремено претставува и своевидна историја на распаѓањето на Југославија.