Претставатa на прилепскиот театар во режија на Мартин Кочовски освои четири награди

Претставата „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Mартин Кочовски, во изведба на ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, во истиот град, на одржаното 53-то издание на истоимениот македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, освои четири награди. Освен наградата за уметничко остварување на претставата во целина, од истата претстава, на актерката Ангела Наумовска ѝ припадна наградата за главна женска улога, наградата за современа сценска драматизација му беше доделена на Горјан Милошевски за драматизација на романот „Клетници“, а наградата за музика ја доби групата „Фолтин“. Годинашното жири го сочинуваа Мими Таневска Србиновска, претседателка и членовите Јасна Новаков и Драган Спасов-Дац.
Наградата за најдобра режија жирито му ја додели на режисерот Диего де Бреа за претставата „Кралот Лир“ на Tурскиот театар од Скопје, а наградата за најдобра машка улога ја понесе Сашко Коцев за својата улога во претставата „Ничија земја“ на Македонскиот народен театар. Наградите беа доделени на затворањето на фестивалот на 15 јуни, кога во чест на наградените „Театар комедија“ ја изведе претставата „Не сега драга“.
На годинашното фестивалско издание наградата за рекламен материјал ја доби Нгадњим Мехмети за работата на претставата „Жените“ во изведба на Албанскиот театар – Скопје, додека за костимографија во претставата „Ужегнатост“ беа наградени Марија Попуческа и Бранкица Јордановска. Награда за сценографија им беше доделена на Валентин Светозарев и на Никола Тороманов за сценографските решенија во претставата „Ничија земја“ во изведба на Македонскиот народен театар. Наградата за млада актерка ја доби Ебру Мусли за улогата Корделија во претставата „Кралот Лир“ во изведба на Турскиот театар – Скопје, додека наградата за млад актер му е доделена на Александар Михајловски за улогата на Нино во претставата „Ничија земја“ во изведба на Македонскиот народен театар. Актерката Наташа Петровиќ ја доби наградата за женска епизодна улога во претставата „Еднаш свет изградив“ во изведба на Театарот за деца и млади, а актерот Горазд Цветковски наградата за машка епизодна улога за својата улога на Рамбо во претставата „Ничија земја“. Наградата за главна женска улога Ангела Наумовска ја доби за изведба на улогата на Фантин во претставата „Клетници“, додека актерот Сашко Коцев ја доби наградата за главна машка улога за улогата на Чики во претставата „Ничија земја“. Специјална награда за современ актерски израз и иновативен пристап кон светската класика ѝ беше доделена на претставата „Кралот Лир“ во изведба на Турскиот театар – Скопје.