Поетот Ефтим Клетников ги достави до „Нова Македонија“ своите писмени оставки од членството на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и членството во македонскиот ПЕН во кои тој го изложува мотивот за ваквата одлука, наведувајќи дека индолентноста на овие две писателски асоцијации кон идентитетската катастрофа на Македонија и Македонците, која, според него, тие ја преспаа, а и сега, по трагедијата, се рамнодушни кон неа што се коси со моралот и етиката на поетот и писателот. Од двата текста, кои се идентично исти во мотивацијата, ги објавуваме оставките на Клетников од ДПМ и од македонскиот ПЕН-центар.

ДО УПРАВАТА/РАКОВОДСТВОТО НА ДПМ

Почитувани, пред некој ден го видов мојот текст, пишуван специјално за рубриката „Став“, објавен во најновиот број на „Стожер“. Благодарам. Немам посебно замерка ни на оградувањето на Редакцијата и Управата од него, па сепак тоа уште повеќе ја зацврсти мојата одлука, што ја имав и пред тоа, да го напуштам членувањето во оваа некогаш авторитетна асоцијација. Цитирам: „Ставовите изразени во оваа колумна се лични ставови на авторот на оваа колумна и не ги одразуваат ставовите на членовите на редакцијата на „Стожер“ и/или ставовите на ДПМ“.

Не сакам да го потенцирам калпавиот тавтолошки став на оваа куса реченица, но (анти)ставот во неа – ДА. Посебно што Редакцијата и Управата/раководството на ДПМ си дозволиле авторитарен луксуз тој нивен став да им го приопштат и на сите членови на ДПМ: со „и/или ставовите на ДПМ“ што е навистина непристојно. Иако во тоа има едно лукаво питијско решение со она чудно и/или. Оти, дали таа своја сигурност, господа од Редакцијата и Управата на ДПМ ја базирате на анкета со членовите (300/400), или е ваша лична проценка, како што и изгледа дека е. Та, белким некој, барем двајца/тројца) од таа силна писателски бројка ќе се согласеше со мојот став дека треба да ја игнорираме придавката Северна, смртоносна за нашиот идентитет, и дека треба да се спротивставуваме на секоја манифестација или друг културен настан дома и во странство да нè прозиваат и претставуваат како поети и писатели на Северна Македонија. Впрочем, како што се случи тоа и со годинешниве Струшки вечери на поезијата на кои македонските поети, меѓу нив и тројца академици (!), беа претставени од микрофонот на говорницата како поети на Северна Македонија, а тие срамно го одмолчаа тоа. За мене тоа е акт на предавство на генеричкиот поетски морал и етика. Оти поетот по дефиниција е најмногу, и судбински, задолжен да го брани идентитетот. Да не бидам романтичарски патетичен, но вистина е дека народот го очекува од него тоа.

Тоа е тоа. Многу жално е што пред тестот на СВП, што не го положија македонските поети ДПМ целосно ја преспа идентитетската катастрофа на Македонија и Македонците, а и сега не пружа никаков отпор кон неа, за што всушност и пишував, драги редакционери на „Стожер“ и Управители на ДПМ, во мојот текст во вашата рубрика „Став“, со дијагностички наслов: „Дали северномакедонски или македонски поети“. За нас Македонците хамлетовска дилема: „Да се биде или не“, или ако сакаме дилемата на Ерих Фром „Да се има или да се биде“, уште попрецизна и цивилизациски осовременета. Или, тука е и малку ироничната до сарказам, но многу алузивна со нашата ситуација дилема на рускиот утилитарист Доброљубов: „Шекспир или кобасици“. По ред: Од хамлетовската дилема ДПМ, како што се однесуваше за време на идентитетската катастрофа на Македонците, и по неа, го избраа во неа не ДА, туку НЕ. Не Афирмацијата, туку Негацијата на сопственото идентитетско битие. Слична е ситуацијата и со дилемата на Фром, која ѝ е, пред сè, упатена на западната лакома либералкапиталистичка цивилизација што се ниша веќе долго време на работ меѓу култура и варварство, но со редица нејзини потези, посебно и со нејзината идентитетска ликвидација на Македонците, веќе е јасно дека нејзе многу повеќе ѝ е слатко варварството отколку културата, многу повеќе материјалниот отколку духовниот профит. Затоа, имено, и ламентираше, предвидувајќи го ова варварство, пред две и пол столетија и божествениот Хелдерлин, констатирајќи драматично дека се „исчезнати трагите на светото“. Нив ги згази западниот бог на парите, кој го уништи вистинскиот Бог, па затоа и крикна болно Ниче: „Бог е мртов“. Не затоа, како што мислат некои површни филозофи и теолози, дека тој бил безбожник, туку затоа што видел дека него луѓето на модерната безбожна цивилизација го убиле во себе. Изгледа дека него сепак единствено го разбра неговиот руски близнак Достоевски кога рече: „Ако нема Бог сè е дозволено“. Оти Бог е моралниот закон и етички принцип.

И останува уште дилемата на Доброљубов: „Шекспир или кобасици“, која е, се разбира, натуралистичка, во стилот на прагматичната филозофија на Русинот, но и пошироко во стилот воопшто на руската прозна натуралистичка школа од нејзиниот славен XИX век. Прв на ум ми паѓа Гогољ, кој најубаво си ја насликал нашата жална реалност во стилот на неговата генијална гротеска. И како ја реши, конечно, дилемата на Доброљубов ДПМ, имајќи ја предвид неговата рамнодушност кон идентитетската ликвидација на Македонците. Па, повеќе од јасно. Наместо Шекспир (читај: Име и Идентитет), ги одбраа кобасиците, ситната угодност и егзистенцијално животворење, чекање на бедни трошки од државните спонзори и егзекутори на идентитетот. Тие што го заклаа Името на цел еден генерички колектив, за чија генеза од Јафет (најмалиот син на Ное) до денес сведочи и најзначајниот антрополошки документ на Западната цивилизација – Библијата. А некои од писателите ѝ се фрлија, помудрите, директно во прегратките на власта, кај премиерот, претседателот, градоначалниците и понатаму до најситните запченици на нејзиното перверзно тркало. Во зависност од тоа кој колку е итрец, подлизурко и полтрон. Да. Ама госпоѓата Меморија има молив и хартија и сè тоа акрибично бележи.

Сосема доволно, почитувани како образложение за мојата оставка од оваа некогаш авторитетна асоцијација. По сè изгледа дека, таква каква што се покажа таа, и како што сè уште се покажува кон идентитетската катастрофа на Македонија и Македонците, мене не ми е местото во неа. А не сакам и таа од своја страна мене да ме чувствува како нејзино туѓо тело, или диво месо. Не сакам со никого да го споделувам тој срам на идентитетско предавство. Моите искрени поздрави.

ДО УПРАВАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ПЕН

Почитувани, поднесувам оставка од членството на македонскиот ПЕН-центар. Причината: ПЕН ја преспа идентитетската катастрофа на Македонците со геноцидното менување на Името. Уште пред десетина-дванаесет години јас на неколку годишни собранија на ПЕН-от предлагав опсадна состојба на активност во правец на перманентно запознавање на нашите ПЕН-пријатели во странство со идентитетскиот геноцид што им се подготвува на Македонците. Но за жал мојот апел беше одмолчен и помина глуво, иако тоа по дефиниција е тема број еден за писателите воопшто, а посебно за писателите и поетите – пеновци. Но нашиот ПЕН остана целосно анемичен на неа, а и по катастрофата исто така не се ангажира на тој план: да свика барем еден регионален собир на кој ќе се расправа за идентитетскиот геноцид на цел еден народ извршен со најбрутални методи на притисоци и уцени од внатре и од надвор.
Затоа, ако сум доволно јасен, почитувани, поднесувам оставка од членството на оваа организација, која така како што функционира во рамките на нашата историска ситуација е повеќе туристичка, отколку организација на интелектуалци со морален и етички капацитет, потребен за справување со предизвиците на времето во кое идентитетски се ништат Македонците, се брише нивната генеричка меморија и најсурово и бесрамно се разграбува нивниот културно-цивилизациски имот со амин и на изродите од нашата квислиншка влада. Јас како човек и поет, како Македонец, не сакам да го поднесувам и споделувам со никого тој срам.