Фото: Зоран Антоски

Часлав Марковиќ од Куманово и Марија Марковска од Скопје се сретнале во Кнежино и сѐ уште сакаат таму да сликаат

Во изминатите 25 години многу реномирани уметници продефилирале низ Интернационалната кичевска ликовна колонија, се стекнале со многу познанства, а најкарактеристична е средбата помеѓу ликовните уметници Часлав Марковиќ од Куманово и Марија Марковска од Скопје. Првата средба во Кнежино ги спои засекогаш. Тие веќе две децении се во брак и се родители на син и ќерка средношколци.

– Како да беше вчера кога во 1997 година првпат учествувавме на Кичевската ликовна колонија и, како што е ред, кога пристигнавме во Кнежино, се запознавме меѓу себе, а нешто во нас како да говореше дека сме создадени еден за друг. Оттогаш не само што почна дружбата туку се роди и искрена љубов, а таа беше забележана од сите учесници на колонијата, па дури и од самиот покровител, кој воодушевен од оваа врска се понуди да ни биде кум – се потсетија на времето од пред две децении сликарите Марија и Часлав.

По завршувањето на колонијата тие продолжиле да се гледаат. Часлав редовно бил на релацијата Куманово – Скопје и Марија исто така во обратен правец, до есента 1998 година, кога средбата од Кнежино била крунисана со брак, кој и денес функционира.
И двајцата сликари сметаат дека бракот со човек од иста професија има предности и маани.
– Зависи како гледате на работите. Од една страна е полесно да си во брак со човек од истата фела, затоа што нивото на комуникација од таа област е поедноставно, ќе најдеш разбирање со човек од истата професија за секоја работа. Од друга страна има и одредени слабости – вели Марија.
Иако двајцата се уметници, тие во повеќе наврати не учествуваат заедно на исти колонии или учествуваат поединечно, што велат дека не е пречка да имаат хармоничен брак.

– Во повеќе наврати заедно сме биле дел од ликовни колонии, но не така ретко се случувало да не учествуваме двајцата, туку само сопругот или јас. Во тој поглед не постои завист ниту љубомора, туку имаме бескрајна доверба и разбирање помеѓу нас двајцата – додава Марија.

Инаку, во периодот кога првпат учествувале на ликовната колонија во селото Кнежино, таа се одвивала во Кнежинскиот манастир, каде што било многу поразлично од денес, а како што велат и двајцата, другарството било на највисоко ниво. Во текот на вечерите се палел и оган, крај кој се пеело и се играло. Но и двајцата денес се презадоволни од она што во изминативе 15 години на уметниците им го нуди Куќата на уметноста, од кога е отворена за уметниците и гостите и каде што тие ќе прослават 20 години од бракот.

– Јас и Марија сме учествувале на многу колонии, но не сум лицемерен ако кажам дека кичевската колонија нуди најдобри услови за работа. Дружбата е на високо ниво и во секој момент се чувствувате како да сте дома, сѐ ви е достапно. И покрај брачните обврски, наша цел е да продолжиме со учества и на други ликовни колонии, поединечно или заедно, а во план ни е во скоро време да организираме заедничка изложба на дела создадени од периодот на нашето прво запознавање до денес, што ќе биде круна на нашиот дводецениски заеднички живот – додаде Часлав.