Кинотеката на Македонија ја доби престижната златна плакета од УНИКА (Интернационален филмски сојуз) за придонес и поддршка во популаризацијата и афирмацијата на непрофесионалниот филм. При доделувањето на златната плакета, претседателот на Киносојузот на Македонија, Саша Дукоски, истакна дека Кинотеката сиве изминати години е голем поддржувач на Киносојузот. Заблагодарувајќи се за наградата, директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, им ја посвети на сите оние вљубеници во подвижните слики што се „инфицирани“ од филмот.
Во организација на Киносојузот на Македонија и Народна техника на Македонија, со Град Скопје и Кинотеката на Македонија како домаќини, се одржа официјалната проекција на филмовите и врачување на награди од 49. државен фестивал на непрофесионален филм „49. ДФНФ-Скопје 2020“. Годинава конкурираа 32 филма од 24 автори, од кои 12 се самостојни, додека другите наслови доаѓаат од шест клуба во четири категории. Во официјалната конкуренција беа примени 11 филма.
Официјалната проекција и врачувањето на наградите и на плакетите се одржаа во Кинотеката на Македонија, почитувајќи ги здравствените мерки и протоколи. На фестивалот имаше гости од повеќе градови во Македонија, а секако беа присутни и авторите на наградените филмови.

Стручното жири во состав Мишо Нетковски, претседател, Миле Петковски, член, и филмскиот аматер Петре Чаповски, член, ја донесе одлуката за наградите: за документарен филм бронзена плакета доби „Секирџија“ на Љупчо Ристовски; сребрена плакета „Петре – љубов, бол и непребол“ на Сара Стојановска и Филип Илиевски; златна плакета „Црвени стени“ на Петар Ставрев. Беа доделени и награди за краток игран филм: бронзена плакета за „Кутија со музика“ на Ана Андонова; сребрена плакета за „Пепел“ на Ѓорѓи Лазов; златна плакета за „Донка“ на Александар Арсовски. Гран прито го доби „Јас ќе си пеам“ на Глигор Кондовски. Наградите во категоријата анимиран филм не беа доделени.

Наградата за експериментален филм ја доби „Конекција“ на авторката Ана Андонова, златна плакета за монтажа му беше доделена на „Заборавена земја“ на Зоран Пиловски; за режија на „Јас ќе си пеам“ на Глигор Кондовски; за камера на „Тишина“ на Зоран Пиловски, Роберт Темелкоски и Андреј Златноски; за идеја на „Првиот македонски аниматор“ на Матеј Костовски; за сценарио на „Петре – љубов, бол и непребол“ на Сара Стојановска и Филип Илиевски; а за актерско остварување беше наградена актерката Изабела Јакимова во филмот „Донка“.
Официјалната селекција од шест филма што ќе го претставуваат Киносојузот на фестивалот на УНИКА е составена од: „Црвени стени“ на Петар Ставрев, „Тишина“ на Зоран Пиловски, „Конекција“ на Ана Андонова, „Секирџија“ на Љупчо Ристевски, „Донка“ на Александар Арсовски и „Јас ќе си пеам“ на Глигор Кондовски.