Познатиот кинески уметник и дисидент Аи Веивеи објави дека кинеските власти го урнале неговото уметничко студио во Пекинг без претходна најава или предупредување. На социјалните мрежи уметникот објави дека властите без најава почнале со уривање на студиото што го користел од 2006 година. Тој постираше и видеа и фотографии од чинот на уривањето, како и од некои негови дела што биле создадени во ова ателје.

Аи Веивеи живееше и работеше во Кина до моментот кога поради своите отворени критики упатени до властите поради ниското ниво на човековите права во оваа земја и предупредување за корупција беше затворен и во 2011 година помина 81 дена во домашен притвор, а потоа на четири години му беше одземен пасошот. Кинеските власти своевремено од уметникот бараа 2,4 милиони долари поради наводно неплаќање данок, но приврзаниците на Веивеи тогаш коментираа дека се работи за политички мотивирана казна за уметникот, првенствено поради неговата остра осуда на кинескиот комунистички режим.
Кога му беше дозволено да ја напушти Кина, отиде во Европа, а од 2015 година живее во Берлин.

Светски познатиот кинески уметник и дисидент, во последниот негов период реализира многу впечатливи инсталации инспирирани од судбината на мигрантите. Така, Аи Веивеи ѝ е познат на нашата јавност кога пред две години донесе бело пијано во кампот за бегалци „Идомени“, каде што престојуваа над 10 илјади бегалци, на македонско-грчката граница. Пијаното беше поставено среде калта и на дожд, за млада сириска бегалка да може да свири првпат по три години. Исто така една од неговите познати уметнички инсталации во Берлин се состоеше од покривање на столбовите на познатата концертна зграда „Концертхаус“. Познатиот 58-годишен уметник употреби 14.000 портокалови спасувачки елеци за покривање на столбовите.

Годинава, во Австралија на Сиднејското биенале, уметникот и активист постави три дела од својата работа поврзана со бегалците и го промовира својот филм „Хјуман флоу“, чија изработка опфати патувања низ 23 држави, посета на околу 40 бегалски кампа, во период од две години. Во врска со филмот, кој го обработува најголемото раселување на луѓе по Втората светска војна, Веивеи вели: „Не смееме да се дистанцираме од врските со други човечки суштества, со нивното страдање и трагичниот живот на човекот генерално“.