Шестото издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ ќе се одржи од 27 до 31 октомври, а отворањето е во киното „Милениум“, на кое ќе се прикаже филмот „Бановиќ Стахиња“ на Стефан Арсенијевиќ. Другите филмови од програмата ќе се прикажуваат во Кинотеката на Македонија. Покрај филмовите што се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се и филмови од Ирска, Франција, Австрија, ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“, како и краткометражни македонски и странски филмови.
Според Небојша Јовановиќ, директор на „Киненова“, по сериозната светска криза со пандемијата, оваа година фестивалот полека се враќа на класичниот формат на одржување во живо, но сепак ќе продолжи и традицијата почната од лани, со емитување на дел од фестивалската содржина на ТВ24.
– Немаме намера да се откажеме од овој начин на пласирање на фестивалот, знаејќи го влијанието што минатата година фестивалот го имаше во јавноста. Годинава и покрај намалената светска продукција на филмови и исклучително проблематичната дистрибуција на истите тие, обезбедивме доста концентрирана програма што ќе им овозможи возбудлива авантура на гледачите. Фестивалот оваа година ќе ги слави македонската кинематографија и делото на македонските филмски уметници на начини што ќе ги објавиме наскоро – најави Јовановиќ.

Игор Анѓелков, програмски селектор на фестивалот, се радува што оваа година прикажувањето на официјалната селекција на филмови се враќа онаму каде што ѝ е местото – на големиот екран во затемнетата киносала.
– Откако пред две години, во силна конкуренција, прекрасниот „Љубовен автомобил“ на Елке Леренкраус стана фестивалски лауреат, а лани македонскиот „Медена земја“ ги освои публиката и критичарите низ светот, годинава решивме да им отстапиме простор на две документарни остварувања што обработуваат исклучително интересни теми. „Киненова“ е благонаклонета и кон помалите кинематографии, па имаме и еден филмски претставник од соседно Косово, кој е вистински прирачник за реализација на мал, но силен филм. Полската и грчката кинематографија се во наш редовен фокус, додека португалскиот филм ни приреди вистинско позитивно изненадување – вели Анѓелков.