Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, годинава во рамките на својата редовна програма, за првпат ја претставува современата ирска кинематографија во Македонија.
По тој повод на 20-ти ноември (сабота , во киносалата на Кинотека на Македонија, со почеток во 20 часот ќе се одржи свеченост на која ќе присуствува Амбасадорот на Ирска за Романија, Македонија и Молдавија, Н.Е. Пол МекГери, кој ќе ја отвори свеченоста, а потоа ќе следува проекција на црната комедија „Привлечен ѓавол“ на ирскиот режисер Џон Батлер.
Џон Батлер (1972) е ирски филмски режисер, сценарист и романсиер, номиниран за награда. Неговата работа го вклучува и телевизиското хумористично шоу „Твоето лошо јас“, како и филмовите „Џорџ“, „Вселенско три“, „Еленот“ и „Привлечен ѓавол“.
Останатиот дел од програмата на фестивалот, која ја има во фокус ирската кинематографија, во наредните три дена ќе се емитува на телевизија 24, меѓу кои се два филма на прославениот ирски режисер Дејвид Глисон, како и моќниот документарен филм „Глад“ каде наратор е Лијам Нисон.
Програмата се реализира во соработка и со поддршка на Ирската амбасада во Букурешт.