Кинематограферот Роџер Дикинс, кој 14 пати бил номиниран за „оскар“, детално го анализира својот последен филм „Голдфинч“ и објаснува зошто за него „Блејд ранер 2049“ бил толку задоволувачки. Честопати во денешните големи филмови со огромен буџет, визуелните ефекти изгледаат како насликани врз сцените, како посебен слој што се одвојува од живата акција фатена на камера. Според кинематограферот Роџер Дикинс, чиј нов филм „Голдфинч“ неодамна ја имаше својата премиера, проблемот произлегува од тоа што кинематограферот не е вклучен во процесот на визуелните ефекти.

– Имате еден пар очи што создаваат еден вид осветлување и палета на бои во одредена сцена и потоа доаѓа некој друг. Тоа е како да имате двајца сликари, како Џексон Полок да додава нешто свое врз сликите на Тарнер. Тоа не би функционирало добро, нели? И покрај тоа што и двајцата се технички одлични уметници, едниот бара и гледа едно нешто, а кога се појавува другиот, тој гледа на друго нешто, на поинаков начин. Верувам дека мора да постои некаков вид вклучување на двете страни – вели Дикинс.
Тој смета дека честопати кинематограферот чувствува отпор од продукцијата да биде вклучен во визуелни ефекти, но тој лично имал среќа да соработува со режисери што го вклучувале во процесот.

– Секогаш бев вклучен во процесот, како на пример, во „Блејд ранер“ бев вклучен на полно работно време. Тоа беше навистина прекрасно затоа што и Дени Вилнев и студиото рекоа: „Па, ако Роџер не го стори тоа, тогаш не е добро“. Тука навистина се чувствував благословено – се сеќава Дикинс.

Во 2018 г., „Блејд ранер 2019“ освои „оскар“ и за најдобри визуелни ефекти и за кинематографија. Дикинс открива дека дел од проблемот со дисконекцијата на ефектите и кинематографијата потекнува од фактот што честопати кинематограферите не можат да објаснат како го гледаат осветлувањето на снимката на одделот за визуелни ефекти. Зборувајќи за својот последен филм „Голдфинч“, Дикинс открива колку од неговата работа била детерминирана од добивањето правилни локации за снимање, како и значајноста на соработката со режисерот Џон Кроули и дизајнерот на продукција К.К. Барет.

Инаку оскаровецот Роџер Дикинс лани беше лауреат на златната „камера 300“ на фестивалот „Браќа Манаки“, каде што одржа мастер-класа со гостите на фестивалот и со студентите, на која прво се осврна на своите почетоци. Роден е во гратчето Торквеј, Девон, Англија. Кога ги започнал студиите на академијата за уметност „Бет“ имал идеја да биде сликар, но под влијание на англискиот фотограф Роџер Мејн, кој имал своја класа, ѝ се посветил на фотографијата, која останува негова трајна љубов. Првиот филм што го снимил бил документарец. Позната е неговата љубов кон документарниот филм („Лов на фармер“, „Зимбабве“…), а токму овој филмски род го оформува неговиот сензибилитет како директор на фотографија. Потоа снима ТВ-филмови, а меѓу првите играни филмови му е „Друго време, друго место“ во 1983 година, со кој излегува на интернационална сцена, со прикажувањето на филмот во Кан. Култниот „1984“, екранизацијата на истоимениот роман на Џорџ Орвел, целосно е снимен со камера без никакви ефекти.

– Интересно е што некои сцени ги снимавме така што поставувавме стакло пред камерата, на кое уметници цртаа, за да се добијат визуелни ефекти, какви што во тоа време не се користеа. Сега е многу едноставно, стискаш копче и готово – кажа во Битола, Дикинс.

Вториот период на Роџер Дикинс е американскиот, како позначаен во неговата кариера и од аспект на номинациите за „оскар“ и пробив во светската кинематографија. Со режисерот Френк Дарабонт во 1995 година ја добива првата номинација за „оскар“ за култниот „Бегство од Шошенк“. Во Битола на отворањето беше прикажан и неговиот последен филм, „Блејд ранер 2049“, како продолжение на првиот прототип од 1982 или како негов римејк, создавајќи вистинска визуелна симфонија. Неговото доаѓање на фестивалот „Браќа Манаки“ беше голема чест, огромна радост и гордост, за организаторите, но и за публиката. 

Неговиот нов филм „Голдфинч“ неодамна ја имаше својата премиера