Нема стратегија за спас на кинокултурата

Десетина луѓе просечно ги посетуваат проекциите во киното „Милениум“, а слаб е интересот и во „Синеплекс“, велат киноприкажувачите во Скопје. Што се случува со кинодистрибуцијата и киноприкажувањето во Македонија, дејноста што беше особено погодена поради ковид-19, е темата што беше отворена на вториот ден на филмскиот маркет „Синеиндастри“, на која се разговараше за проблемите и предизвиците на кинодистрибуцијата. Премиерите на големите наслови од Холивуд се одложуваат и по неколкупати, а периодов европскиот филм ја одржува публиката.
На дебатата учествуваа: Маргарита Арсова од Младинскиот културен центар, Игор Мраков од „Синеплекс“, Јулијана Кузмановска од дистрибутерската куќа МЦФ-МКД и Огнен Антов, продуцент. Сите се согласија дека државата го подзаборави овој сектор и дека е ставен во ист кош со угостителската дејност.
– Во текот на летниот период имавме многу проекции на отворено и имаше големи интерес. Фестивалот „Синедејс“ целосно го одржавме на отворено и имаше одличен интерес на проекциите во општините. Тоа нѐ охрабри дека треба да работиме во тој сегмент, иако проекциите на отворено не ни се нова активност. Скопје е сведено на две комерцијални кина и една кинотека – рече Арсова.
Таа додава дека планираат и во иднина да организираат што е можно повеќе настани на отворено.

Додека во регионот киносалите беа отворени и порано, во Македонија не работеа од март до септември. Игор Мраков од маркетинг-секторот на „Синеплекс“ објаснува дека очекувале публиката да се врати многу порано во киносалите.
– Ние сѐ уште имаме едни од најригорозните мерки во регионот. Работиме со 30 отсто капацитет, задолжително носење маски, што дополнително ја одвраќаше публиката. Иако имаме девет сали, 30 проценти знаеме колку се. До пред затворањето на кината, работевме да ја вратиме публиката и нескромно ќе кажам дека ја донесовме младата публика. Никаква стратегија ниту конкретна поддршка не добивме, а желбата е да ја задржиме публиката. Многу ми пречи реториката на институциите, кога нас нѐ ставаат во ист кош со кафеаните, на пример. Ако се случи некој проблем таму, веднаш се носат мерки што важат за сите – вели Мраков.
Според Јулијана Кузмановска, која е ексклузивна застапничка на холивудски филмови, но и европски хитови, европските филмови на некој начин го спасуваат периодов.
– Сите сме тесно поврзани. Дистрибутерите зависат од филмовите. Ние не можеме да функционираме ако не се снимаат и не се прикажуваат филмови. Ако нема дистрибуција, нема цела дејност. Голем проблем е што филмовите се симнуваат од интернет, а тоа не е само кај нас туку и во регионот.

Ние како дистрибутери страдаме, нема никаква забрана, а губи целата индустрија. Многу често компаниите од кои ги купуваме филмовите ни забележуваат зошто немаме добри бројки на дистрибуција, а истиот филм на пример една недела пред тоа бил достапен на интернет. Ако нема каква било помош за нас, ние сме на респираторни машини. Не смее киното да пропадне, оти ќе ја изгубиме младата генерација што го сака филмот и научи да оди на кино – категорична е Кузмановска.
Продуцентот Огнен Антов зборуваше за кинодистрибуцијата што се реализира откако се отворија киносалите.
– Премиерата на „Стела“ беше закажана за 5 март и немавме план Б. Дојде мај, јуни, но киносалите и нас како дејности како сите да нѐ заборавија дека воопшто постоиме. Во тој период се отвораа салите во регионот, во Македонија тоа не се случи дури до септември и буквално со најригорозни мерки. Во исто време ги имате казината или кафулињата, каде што циркулира вирусот во многу помал простор, за разлика од киносалите, со по 7 метри височина, модерни вентилации, хепа-филтри – вели Антов.
Антов го посочи примерот на Романија, каде што месецов беше објавена програма во вредност од 100 милиони евра за помош на културата и конкретно и за кинокултурата.
– Многу државни институции кај нас немаат идеја кои сектори и дејности придонесуваат со вкупно бруто-домашниот производ. Културата ќе изумре со ваквиот игнорантски однос – вели Антов.

Програмата на маркетот продолжи и викендов со онлајн-презентација на Меѓународната федерација на асоцијации на филмски дистрибутери, која ја одржа Алина Попеску, генерална секретарка на ФИАД. Таа зборуваше за предизвиците на дистрибутерите во Европа во овие времиња и планираните стратегии и мерки за помош на филмската индустрија. Предавање на тема „Сè што сакавте да знаете за онлајн-дистрибуцијата но никогаш не сте се осмелиле да прашате“ одржа Саша Станишиќ, режисер и главен координатор на „Синесквер“.