Во рамките на изложбата „Кон бетонската утопија: архитектурата во Југославија, 1948-1980“, темата на Скопје и неговата постземјотресна обнова зазема значајно место, како во однос на обемот така и во однос на позицијата во рамките на поставката

Во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк се отвори изложбата „Кон бетонската утопија: архитектурата во Југославија, 1948-1980“, истражувачки проект, кој пред очите на светската публика го претстави исклучителното модернистичко наследство од територијата на поранешна Југославија. Поставката наедно е и првото обемно претставување на оваа архитектонска продукција во една од најреномираните светски културни институции.

Зад ваквиот потфат како главен куратор стои швајцарскиот архитект Мартино Стиерли, раководител на одделот за архитектура и дизајн во МоМА, кокуратор е Владимир Кулиќ, а Ана Катс како асистент-куратор. Од Македонија, членови на кураторското советодавно тело на истражувањето и изложбата беа архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски.
Поаѓајќи од хипотезата дека југословенската повоена архитектура не само што не е периферна туку е во самата суштина на модернистичкиот проект, главните куратори вниманието го насочуваат на подрачје и тема што со децении се наоѓа надвор од интересот на „западната“ историја на архитектура, во таа смисла недоволно истражена, „егзотична“ и речиси непозната, еднакво за општата, но и за стручната архитектонска јавност надвор од границите на поранешна Југославија и нејзината непосредна околина.

Истражувачкиот проект „Кон бетонската утопија: архитектурата во Југославија, 1948-1980“ претставува навраќање на архитектурата на територијата на Југославија низ читањето на една нова генерација архитекти, историчари на архитектура и уметници што имаат за цел критички да го обноват нејзиниот наратив.

Формирајќи таканареченo кураторско советодавно тело од страна на МоМА беа поканети десетина истражувачи од регионот, кои веќе со години се занимаваат со собирање, истражување, толкување, вреднување…, а во некои случаи и извлекување од заборавот на вредните архитектонски реализации и нивната документација.

Во рамките на изложбата „Кон бетонската утопија: архитектурата во Југославија, 1948-1980“, темата на Скопје и неговата постземјотресна обнова зазема значајно место, како во однос на обемот така и во однос на позицијата во рамките на поставката. Катастрофата во Скопје во 1963 година, меѓународната солидарност и помош по земјотресот, инволвирањето на ООН во координирање на процесот на обнова, како и улогата на Кензо Танге во планирањето на центарот на градот се наратив што е веќе делумно познат и интересен за меѓународната публика.

Покрај оригиналната макета од конкурсниот проект за градскиот центар на Кензо Танге и неговиот тим и макетата од Културниот центар на Биро 71, во изложбата се претставени оригинални цртежи и скици од работата на Кензо Танге во Скопје, како и голем број оригинални цртежи и дел од проектната документација на: Градскиот архив и студентскиот дом „Гоце Делчев“ на архитект Георги Константиновски, Телекомуникацискиот центар на Јанко Константинов, Управата за хидрометеоролошки работи на Крсто Тодоровски, Музејот на Македонија на Мимоза Несторова-Томиќ и Кирил Муратовски, извадоци од проектната документација за Културниот центар на Биро 71, Универзитетскиот комплекс на Марко Мушиќ итн. Покрај материјалот за Скопје, во делот во кој се претставени спомениците од територијата на поранешна Југославија е презентиран оригинален материјал за споменикот „Илинден“ во Крушево, на Искра и Јордан Грабул.