Режисерката Јасмила Жбаниќ деновиве е присутна во Сараево и со својата уметничка инсталација „Жилет жица симфонија“

Филмот „Кво вадис, Аида?“ на босанско-херцеговската режисерка Јасмила Жбаниќ ја доби наградата за најдобар меѓународен филм на 38. меѓународен фестивал на женскиот филм „Дортмунд + Келн“. Станува збор за еден од најважните фестивали на женскиот филм во светот, кој се одржува секоја втора година во споменатите германски градови. За наградата одлучуваше жирито што го сочинуваат: режисерката Моника Треут, Марга Алмирал Роти (директорка на Меѓународниот фестивал на женскиот филм во Барселона) и Елма Татарагиќ (сценаристка и продуцентка). Според Радио Сараево, филмот од 5 август ќе се прикажува во германските кина. Наградата за најдобар меѓународен филм изнесува 15.000 евра, од кои 5.000 ѝ се доделуваат на режисерката, а преостанатите ги добива дистрибутерот за промоција на женското режисерско творештво во Германија. „Кво вадис, Аида?“ беше годинашен финалист за наградата „оскар“ за странски филм.

Деновиве Јасмила Жбаниќ е присутна во Сараево и со својата уметничка инсталација отворена во галеријата на Академијата на ликовните уметности под наслов „Жилет жица симфонија“, во рамките на проектот „Резилионс“ на здружението „Контакт“. Делото се состои од видео, музика и инсталација, која ја повикува публиката да го искуси она што е скриено од нашите очи и тела, контрастот меѓу жицата (и политиката што ја поставува) и човечките вредности.
– „Жилет жица симфонија“ зборува за промените и новото европско лице што никогаш не ни можевме да го замислиме. Иако реферира на некои од најстрашните приказни во Европа, уметничката инсталација исто така нуди надеж дека постојат и оние што активно работат на тоа да не се нормализираат современите концентрациони логори и поделбата на луѓето на помалку и повеќе вредни, оние што не го ставаат економскиот интерес пред интересите на животите на луѓето – стои во текстот за инсталацијата на Жбаниќ, која првпат била поставена на меѓународниот фестивал „Мителфест 2018“.