Во паркот Ибни пајко, на фасадата на Македонската опера и балет, утре во 21.30 часот ќе се реализира привремена уметничка интервенција под наслов „Картографија на просторното насилство (Случај на градот Скопје)“, на авторите Тихомир Топузовски и Кумјана Новакова.

Проектот се фокусира на просторното насилство, односно како репрезентациите и констелациите на моќта се отелотворени во архитектурата и урбаните простори, инструментализирајќи ги граѓаните преку политички мобилизации, идентификации и поделби. Во конкретниот случај, проектот преку визуелна методологија и користење на картограм го прикажува просторното насилство во централниот дел на градот Скопје, на тој начин преиспитувајќи го односот помеѓу материјалноста на урбаните простори, згради, споменици, обележја и спектарот на нематеријални процеси, односно симболичките, етничките и социјалните.

Реализиран како привремена уметничка интервенција на фасадата на Македонската опера и балет овој проект создава дополнителна интеракција осмислувајќи нови значења и разбирање на политички одбележаните простори.

Автори на проектот се Тихомир Топузовски и Кумјана Новакова, а соработници на проектот се Глигор Постолски, Дрен Невзати и Индрит Османи.

Авторите изразуваат особена благодарност до Мери Батакоја, Јован Ивановски и студентите на Архитектонскиот факултет во Скопје кои придонесоа во реализацијата на проектот.