Изложбата на дела на Симон Узуновски отворена месецов на светски познатиот остров Капри, очекувано, побуди интерес кај италијанските и македонските медиуми и јавноста, поради што и го реобјавуваме интервјуто „Капри е моја духовна бања“ што со овој познат македонски уметник го водеше новинарката на „Нова Македонија“, Катерина Богоева.

Интервјуто е дел од нејзината книга „Разговори за нас“, која содржи вкупно 30 интервјуа, а чиј издавач е „Блесок“. 

Симон Узуновски на своите платна ја донесе повторно светлината на Капри

„Работата на Капри ми претставува социјализација, комуникација со различни луѓе. Сега таму има транзитен туризам и благодат е да допрете до луѓе со секакви размислувања“

Симон Узуновски, сликарот што 40 години лете слика на Капри, минатата недела со изложба во Музејот на град Скопје, на која презентира избор од своите ведути од познатиот италијански остров, одбележа четири децении од тоа свое богато творештво. На отворањето му дојдоа и архитекти, негови колеги бидејќи овој самоук сликар, кој е роден во Белград, дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје. Но имаше и историчари на уметноста, дел негови колеги со кои студирал на Филозофскиот факултет и со кои го поврзуваат почетоците на неговото концептуално творештво. Годинава дел од тие познати проекти создавани во седумдесеттите години на минатиот век, поточно проектот „Преспа“ од 1976 година беше изложен во Музејот на современата уметност на групната изложба „Невидлив пејзаж“ и тој беше вброен меѓу најзначајните македонски ликовни имиња.

Овој сликар, кој живее на релација Скопје – Капри, самостојно изложува од 1977 година, а неговите ведути од прочуениот остров, работени во техника масло на платно во различна големина, домашната публика досега имаше можност да ги види неколку пати, изложени во истиот простор. Во 1995 година меѓу урбаните пејзажи од Капри беа и дела со мотиви од неколку македонски градови. Овој пат, како и на самостојната изложба во 2004 година, сликите се само со мотиви од островот. Капри е претставен од различни агли, со различни авторови погледи, полн со сонце, светлина, без облаци на небото.

Симон Узуновски на Капри прв пат дошол како студент во 1971 година, сам, по една посета на Помпеја, додека чекал брод за назад. Година подоцна, заминал повторно и таму сликал. Една од насликаните минијатури сакал да му ја купи еден од чуварите на тамошните плажи. „Го одбивав неколку пати. Кога дозна дека сум од Македонија, ми рече дека за време на Втората светска војна бил војник во Охрид. Значи непријател, си реков, можеби пукал на татко ми, на партизаните. Па, сепак ми стана и симпатичен, бидејќи не сакал да биде војник, така што сликата му ја подарив. А тој се врати со две шишиња вино, кое го испивме во друштво. Такви моменти имаше повеќе во тој период кога жителите на Капри почнуваа со туризмот. Третата година ме задржа можноста да изложам петнаесет слики на отворено во дворот на општината, а еден господин уште првата вечер побара да ми купи 11 од нив. Ги продадов и другите и сфатив дека можам да заработувам и истовремено таму да летувам. Градските власти на островот свесни дека на тој начин го рекламирам Капри, не правеа никакви проблеми. Ни десет години подоцна, кога воведоа фискални каси, не се промени ништо во мојот тамошен статус како уметник. На Капри сѐ уште важи законот од 1894 година, со кој на сликарите им се дозволуваат престој, работа, продажба на дела за живејачка без да се плаќа данок“, вели Узуновски кој кога оди на островот, сега најчесто по два месеца, изнајмува соба. Претходно во осумдесеттите години на минатиот век, кога одел со семејството и со пријатели, изнајмувал и станови.

„Работата на Капри ми претставува социјализација, комуникација со различни луѓе. Сега таму има транзитен туризам и благодат е да допрете до луѓе со секакви размислувања. А сега, според европската мисла за уметност, таа моја работа станува проект. Јас си избрав локација, место, ликовен јазик. Не одам да напредувам во тој јазик, туку го држам статичен, а гледам како луѓето со години ги менуваат ставовите кон тој базичен јазик што сѐ уште функционира. Како и дијалектите. Сѐ уште има луѓе на кои им се допаѓаат моите слики од Капри, но има и такви што ми велат: „Зар 40 години сликаш исти мотиви! Јас навистина повторувам мотиви. Плоштадот „Умберто“ кој жителите го нарекуваат „Салонот на Капри“ го сликам секогаш. Од него имам 12 позиции, а ме привлече затоа што е архитектонски прекрасен. Ме среќаваат луѓето додека сликам таму и ми велат дека одредена слика со ист мотив е иста како некоја насликана минатата година. А јас им одговарам дека додека го водиме разговорот, Земјата поминува над 40 илјади километри низ космосот. Ништо не е исто. Сликата не може да биде иста затоа што знаеме дека суштината на работите е многу подлабока од онаа што ја гледаме со нашите очи“, рече Симон Узуновски, кој открива дека на островот и не се задржуваат многу сликари.

„Секогаш има по три-четворица локални сликари. Двајца од нив сега творат реализам, но не се мешаме. Тие се со подобра позиција од мене, имаат таму станови и галерии, а јас се борам за тие простори. Другите сликари што доаѓаат на Капри не се задржуваат долго, бидејќи им е скапо. Меѓу локалните сликари е и Уго Мартино, еден извонреден надреалист кој не е познат во Италија. Во последниве години, навечер таму правам изложби во седум часот навечер, а дење сликам. На островот нема изложбени простори, освен плоштадот и еден приватен музеј кој го држат за познати сликари. И таму изложував, но не ми се допадна бидејќи не е многу пристапен. Изложувам на неколку места што самиот ги одбрав, а општината ми ги дозволи. Такво место е еден хотел со извонреден двор за да можат посетителите од улица да ја гледаат изложбата. Тие тоа отсекогаш го сакале, не сакаат да влегуваат во затворени простори“, ни откри сликарот.

Кога е во Скопје, тој прави подлоги за сликите што потоа ги слика на Капри, за да заштеди во време. Ретко прави портрети, а нарачките од островјаните ги прави на крајот од сезоната.

Запрашан за споредба на Охрид и Капри во однос на третманот на уметниците што сликаат на отворено, Узуновски потенцираше: „Многу е значаен амбиентот, самото место, менталитетот на луѓето, но и какви луѓе минуваат. Самите староседелци го прават Капри, а тие имаат една навистина неверојатна култура. Во Охрид има повеќе социјални групи кои го прават амбиентот на градот. Охрид е поголем, со повеќе луѓе што доаѓаат во текот на ударниот период и не е амбиент што може да придонесе за самоспознавање на ситуацијата на уметникот во него. Онака како што се однесувам на Капри, не можам да се однесувам во Охрид. Може ќе им бидам симпатичен на некои луѓе и тука ќе заврши приказната. Луѓето што доаѓаат на Капри, иако се во голем број, се втопуваат во неговиот амбиент, а во Охрид е обратно. На Капри сум како на духовна бања“.

Сликањето и цртањето се дел од животот на Симон Узуновски од најрана возраст, но третата година од неговите студии по архитектура е период во кој, како што вели, започнал да прави „одредени работи што се приближувале до областа на уметноста“.
„Отпадот, кој беше дел од архитектонските проекти, гумите, селотејпите на работната маса за мене беа визуелна атракција и ми даваа материјал за одредени визуелни, концептуални композиции. Тоа претставуваше дел од промената на македонската сцена, силен исчекор во однос на претходното. А работев концептуални проекти затоа што сакав да си ја исполнам душата. Бидејќи стартот беше колективна работа на студентските архитектонски проекти, автоматски доби конотација на колективизам.“
Со пријателите и колегите од првата година на историја на уметност го работел првиот експеримент. „Тоа беа иницирани акции, во ресторанот на Филозофски се собравме 20 -ина луѓе. Јас донесов селотејп и секој спонтано правеше минијатури со селотејп, со што било од околината. Така настана првата ’Тркалајка‘, а потоа следуваше и цел циклус творби во вид на ’тркалајки‘, кои симболизираа радост, движење“, се потсети Узуновски.

Во биографијата на овој слободен уметник, значајно место завзема и работата на театарските сценографии, на претставите режирани од Владимир Милчин. Но тој не заборава да спомене и дел од архитектонските ангажмани, повеќе теоретски отколку практични. Капри, сепак, зазема 40 години од неговото творештво и живот.