По повод Денот на независноста на Република Македонија, 8 Септември, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија од денеска до 9-ти септември ќе гостува во Казахстан каде што ќе одржи два концерта, во Алмати на петти септември и во Астана на седми.

Гостувањето е поддржано од Амбасадата на Република Македонија во Астана и од амбасадорот Илија Псалтиров.

Камерниот оркестар на Македонската филхармонија ќе го предводи македонскиот диригент, маестро Борјан Цанев, а како солист ќе настапи концерт-мајсторот на Македонската филхармонија Анна Кондратенко. На програмата се „Дивертименто“ од Моцарт, свитата „Холберг“ од Григ, избор од двете дела „Четири годишни времиња“ од Вивалди и Пјацола, како и македонското дело „Капричо“ од Драган Шуплевски.

– Ми претставува чест и задоволство што со напорната работа во едногодишниот период и нашето внимание кон презентација на Македонската филхармонија надвор од границите на нашата држава, се разбира и како достоен репрезент на културата, да се претставиме првпат во Казахстан – вели директорот на Македонската филхармонија Виктор Илиески.

Ова гостување, според него, ќе биде предвесник на следните две големи турнеи кои Македонската филхармонија ќе ги оствари со симфонискиот оркестар во Шпанија и во Кина, но и предвесник на новата концертна сезона.