Во галеријата на Народниот музеј во Свети Николе е во тек изложбата „Калеидоскоп“, патувачки музејски концепт во рамките на „МузеумЛинк“ -авторскиот проект на Јасминка Намичева, кустос советничка од Музејот на градот Скопје. Изложбата ги презентира плакатните решенија на две млади графички дизајнерки, Симона Трипкова и Маријана Ивановска, со кои тие учествувале на голем број меѓународни и домашни конкурси за плакат, а во Свети Николе е отворена во рамките на општинската манифестација „Тодорица“.

– Со изложбениот концепт се опфатени триесетина плакатни решенија со кои авторките учествувале или добиле награди на различни светски конкурси, третирајќи најразлични теми во текот на изминатите неколку години. Резултатите од креативната работа на Маријана и Симона го потврдуваат фактот дека тие се веќе изградени уметници, способни да се соочат со предизвиците на многу истенчениот вкус на консументите во светски рамки од една страна, истовремено водејќи борба за квалитетно презентирање на професијата графички дизајнер, која, за жал, сѐ уште во нашата земја го нема заслуженото место. Токму затоа, претставувањето на оваа изложба во рамките на проектите „КреАрт“ и „МузеумЛинк“ е вистинскиот избор преку кој ќе се акцентира поддршката што ја заслужува малата заедница на графички дизајнери во државата – вели Намичева.

Таа напоменува дека оваа изложба беше подготвена како дел од минатогодишната програма за одбележување на Европскиот ден на креативноста, во рамките на проектот „КреАрт“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската комисија. Негова цел е да им овозможи на младите артисти поголема мобилност и поголема слобода на изразување, што е постојана цел и на проектот „МузеумЛинк“. На тој начин, смета Јасминка Намичева, сите градови што ќе ја преземат оваа изложба ќе бидат дел од семејството на европски градови што се залагаат за поголема мобилност на креативноста и креативните идеи и ќе ја имаат и привилегијата да видат уметнички настапи на творци еднакво како и во големите европски метрополи.