Инсталацијата насловена „Простор за опуштање“ на уметницата Кирстен Спрут се состои од идејата, според која, посетителите се поканети да легнат на експанзивен црн душек, да стават слушалки што испуштаат звучни пејзажи и да не прават ништо

Минатата година, студентката по дизајн од Ротердам, Кирстен Спрут, создаде инсталација насловена „Простор за опуштање“. Посетителите беа поканети да легнат на експанзивен црн душек, да стават слушалки што испуштаат звучни пејзажи и да не прават ништо. Исто така им бил пуштен и придружен филм со бавни текстуални повторувања („Се чувствувам како да не направив ништо денес“), кои ги поттикнувалe размислувањата за пасивноста.
– „Простор за опуштање“ произлезе од истражувањето за чувството на немир, постојаната потреба да се биде продуктивен и ефикасен, што се чини дека доминира во животот на многумина, особено меѓу мојата генерација – објаснува Спрут.
Дали ова е она во што се претвори одморот? Изложба во галерија, како нешто што се случувало во минатото? Нешто што би можеле да го сториме само доколку бидеме поканети како дел од уметнички настан?
Според Клаудија Хамонд, водителка на Радиото 4 на „Би-би-си“ и авторка на книгата „Уметноста на одморот“, зафатеноста стана значка на честа. Стана нешто што го очекуваме од нас самите и другите луѓе.
– За жал, доказите покажуваат дека ние мислиме дека зафатените луѓе се подобри. Дури и одморот, на некој начин, е комерцијализиран. Погледнете го велнес-движењето. Постои идеја дека треба да правите работи што се добри за вас – смета Хамонд.
Резултатот го зема својот данок, се чувствуваме виновни кога одмораме, па затоа не го правиме тоа доволно. Едно истражување открило дека Американците на возраст меѓу 45 и 65 години денес се под поголем стрес отколку луѓето на нивна возраст во 1990-тите. Светската здравствена организација го класифицира стресот како „здравствена епидемија на 21 век“.

Пандемијата значеше дека истовремено сме опкружени со грижи, често врзани за домот и со ограничен пристап до многу од секојдневните активности во животот. Нешто што ваквата глобална вонредна ситуација ни го покажа, е тоа дека старите начини на живеење не функционираат, за нас самите, за другите, за планетата. Дека ни е потребна повторна процена, не само на нашето однесување туку и на целото општество. Еден од најдобрите начини да го направите тоа можеби е само запирањето.
– Гледаме постепена реакција против продуктивноста и самозајакнување и придвижување кон практична досада, интроспекција и исклучување. Без друга опција освен да останат дома и да се опуштат, луѓето се соочуваат со ново темпо на живот што ќе влијае на нашето секојдневие во годините што доаѓаат. Овој период им дава можност да се чувствуваат пријатно доколку нешто пропуштат и не прават ништо, активности што некогаш беа обвиткани со стигма и чувство на вина – вели писателката Холи Френд во изјава за „Би-би-си калчр“.
Во февруари 2020 година, психијатарот од Калифорнија, Камерон Сепах, го создаде концептот на „брз допамин“, во кој ние ги отфрламе нагоните и напорите на модерниот живот. Наместо тоа, треба да си дозволиме да се чувствуваме досадно или осамено или да најдеме задоволство во поедноставни, побавни, поприродни активности, ослободувајќи се на тој начин од компулсивните однесувања, кои за разлика од начинот на кои се прикажани, едноставно нѐ прават понесреќни.
Книгата на Хамонд „Уметноста на одморот“ се заснова на истражување при кое биле прашани повеќе од 18.000 луѓе за тоа кои 10 активности ги сметаат најдобри за одморање. Под бројот седум било капењето. Поглавјето „Убава топла бања“ (кое вклучува забавни факти како што се „слојот меурчиња спречува да избега топлината“) треба да нѐ натера веднаш да влеземе во када.

Хамонд пишува дека поминувањето време во природа, доаѓа второ, по читањето.
– Прошетката во природа ги става работите во перспектива и нè тера да размислуваме за тоа колку сме мал дел од поголемиот свет – вели таа.
Ги заборавивме сите добри работи што одморот може да ни ги донесе, покрај подобреното физичко и ментално здравје.
– Одморот ни дава можност да се сконцентрираме, нешто за што изгубивме способност да го правиме во текот на последните години. Немилосрдниот притисок кон самооптимизација нè одвлече од придобивките од релаксацијата, задоволството, па дури и досадата, состојби што се покажаа дека нѐ прават попродуктивни. Далеку од тоа дека на мртвото време треба да гледаме сомнително, треба да го прифатиме – вели Холи Френд.
Според историчарката Сузан Џ. Мет, неисполнетите моменти, моментите кога немате забава или моментите кога немате друштво, всушност може да предизвикаат креативност.
Други филозофи предвидуваат свет во кој еден од најдобрите начини за одмор ќе биде да му се помогне на општеството во целина. Преку активизмот за задоволство, активистката за женски права Адриен Мари Браун има цел да ги преформулира етичките и активистичките однесувања како лично ослободување. Во меѓувреме, филозофот од Кембриџ и егзистенцијалист, Сенди Грант, предвидува економија на задоволство, во која откажувањето од работите ќе биде всушност забавно.
– Наместо да уживам во автомобилите што другите не можат да си ги дозволат и во одморите што другите не можат да ги искористат, што ако ги одбијам уживањата што ги експлоатираат или ги повредуваат другите? – вели Грант.

Уживањето и одморот сè повеќе стануваат политички акти против механизмот на сегашните системи. Забавувањето ни овозможува перспектива и тоа е антитеза на она што го диктира западното општество.
– Во изминатата деценија, слободното време се заплетка со вина, бидејќи фетишизацијата на бизнисот предизвика очекување дека дури и слободното време треба да се потроши рафинирајќи се физички и интелектуално. Но со изолацијата и осаменоста што брзо стануваат ново нормално, одморот станува лесна и пријатна практика на отпорност на сегашните системи – вели Бриџит Лаф, водич за медитација.