Петар Чајковски – во пресрет на „Охридско лето“

Десет опери, три балети и седум симфонии, голем број соло-концерти, кантати, минијатури за клавир и разновидни дела за оркестар и солистички инструменти – сето тоа го сочинува огромниот опус на Петар Илич Чајковски. Овој голем композитор создавал во втората половина на 19 век, во периодот што се смета за „златна доба на руската музика“

Националната опера и балет годинава свечено ќе го отвори 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“ на 12 јули, на Античкиот театар во Охрид, со проектот „Големиот Чајковски“. Спектакуларниот проект ќе ја донесе балетската трилогија со најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски, „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“. На сцената на Античкиот театар ќе излезат над 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентската палка на маестра Бисера Чадловска.
Но кој бил големиот Петар Илич Чајковски и како момчето од провинција стана најпознатиот руски композитор?

Десет опери, три балети и седум симфонии, голем број соло-концерти, кантати, минијатури за клавир и разновидни дела за оркестар и солистички инструменти – сето тоа го сочинува огромниот опус на Петар Илич Чајковски. Овој голем композитор создавал во втората половина на 19 век, во периодот што се смета за „златна доба на руската музика“.

Чајковски е роден во 1840 година во Воткинск, град на Урал, каде што неговиот татко бил испратен од Санкт Петербург да управува со голема леарница (оваа фабрика, патем, постои и денес.) Свирењето и компонирањето кратки композиции биле дел од домашното образование на младиот Петар. Покрај тоа, родителите на Чајковски биле големи љубители на музиката и ја развиле оваа страст и кај своите деца. Во куќата имало необичен инструмент: мали механички оргули наречени „оркестрион“, кои Петар сакал да ги слуша како дете. Момчето особено го сакало Моцарт. Подоцна во својот дневник напишал дека „благодарение на него научил што е музика“.

Марја Паљчикова, која била од селско семејство, му држела часови по пијано на момчето. Истражувачите сè уште не се сигурни како таа го стекнала своето музичко образование, дали успеала самата во тоа или бил забележан нејзиниот талент, па одела на часови. Кога Чајковски имал 10 години, се преселил со неговата мајка и сестри во Санкт Петербург, каде што набргу се запишал на Царската правна школа.
Животот во Санкт Петербург, секако, бил многу поразличен од животот во провинцијата. Малиот Петар одел во театар, кој го обожавал. Тука првпат го слушнал звукот на голем оркестар.

Неговиот татко го ангажирал Германецот Рудолф Кундингер како приватен учител по пијано за Петар и тој започнал да го носи момчето на концерти. Иронично, Кундингер му рекол на таткото на Чајковски дека момчето не е особено талентирано за музика. Но Петар сè уште бил воодушевен од музиката. Кога завршил Правен факултет, се вработил во Министерството за правда, но театарот сепак му била најголема страст. Тој се спријателил со еден италијански соло-пејач, кој работел во рускиот театар, и станал голем обожавател на италијанската опера.

Иако Кундингер негативно го оценил музичкиот потенцијал на Чајковски, неговиот татко му предложил на Петар да се стекне со музичко образование. Така, кога имал 21 година, Чајковски се запишал на Конзерваториумот во Санкт Петербург, каде што студирал композиција. Во 1865 година, првпат јавно била изведена една од композициите на Чајковски, насловена „Ликови со ликови“ (подоцна композицијата го добива насловот „Танцови танци“). Со оркестарот диригирал лично Јохан Штраус Помладиот и делото било добро прифатено. Потоа, оркестарот на Конзерваториумот извел една од увертирите на Чајковски во замокот „Михајловски“ за кралското семејство. Чајковски диригирал по тој повод.

Но и покрај овие успеси, недостигало масовно признание. Чајковски ја напуштил службата за да се посвети на музиката, па повеќе немал стабилен приход. Вака неговата биографка Нина Берберова го опишува тој дел од животот: „Тој немаше пари, имаше долгови… Компонирањето не му одеше добро и понекогаш му се чинеше дека има само еден излез: да се врати во државната служба.“

Чајковски останал сам во Санкт Петербург, додека целото негово семејство се вратило на Урал. Според Берберова, тој дури размислувал за самоубиство. Сепак завршил на Конзерваториумот во Санкт Петербург следната година и добил покана да предава на Конзерваториумот во Москва. Московскиот период конечно му го донел посакуваниот успех. Се спријателил со композиторите Мусоргски, Александар Бородин и Николај Римски-Корсаков. Чајковски патувал низ цела Европа, каде што често го посетувал театарот. Бил воодушевен од „Кармен“ на Бизе, а музиката на Вагнер го фасцинирала.
Постои интересна приказна за изведбата на едно дело од Чајковски. Мал концерт со музика на Чајковски бил организиран на Конзерваториумот специјално за Лав Толстој, но портирот не го препознал големиот писател и не сакал да го пушти во зградата затоа што носел селски чизми. Некој сепак интервенирал и забуната била решена. Толстој седел во првиот ред и музиката на Чајковски, кој во тоа време беше сè уште почетник, го допрела до солзи.

Во 70-тите години на 19 век, Чајковски започнал да го проучува рускиот фолклор. Во овој период тој напишал музика за неколку претстави и опери, како и за еден од неговите најдобри балети, „Лебедово езеро“. Чајковски исто така преведувал либрета на европски опери и дела на западни музички теоретичари. Она што конечно му донело универзално признание е операта „Евгениј Онегин“. Премиерно била на сцената на главниот „Царски театар Марински“ во Санкт Петербург.

Верувал дека компонирањето треба да се сфати пред сѐ како занает што, според него, треба да му донесе приход на композиторот. „Моцарт, Бетовен, Менделсон и Шуман ги создале своите бесмртни дела исто како што чевларот произведува чевли, односно тие работеле од ден на ден и најчесто по нарачка“, напишал тој.

Животот на композиторот се сменил. Почнал да се движи во високото општество и да поминува време со членови на кралското семејство. Честопати седел во империјалната ложа во театарот, каде што се запознал и со Александар Трети, кој подоцна платил за погребот на Чајковски. Често патувал во странство, а ги посетил и САД. Настапил на отворањето на „Карнеги хол“ во Њујорк.

И покрај сиот овој успех, Чајковски немал своја куќа. Живеел или со пријатели или во хотели. Уморен од животот на вечен патник, изнајмил куќа во Клин, мало гратче близу Москва, каде што ги поминал последните две години од животот. Денес, во оваа куќа се наоѓа музеј посветен на големиот композитор. Починал од колера откако се разболел во Санкт Петербург во екот на епидемијата. Колерата, патем, била фатална и за неговото семејство: мајка му починала од тоа, а татко му едвај преживеал.
Чајковски не бил особено среќен во приватниот живот. Во 1877 година се оженил со Антонина Милјукова, музичарка и поранешна студентка на Московскиот конзерваториум. Само по неколку недели, тие се разделиле. Имал љубовна врска со белгиската оперска пејачка Дезире Артат и долги години се допишувал со Надежда фон Мек, која му обезбедувала финансиска поддршка. Бил хомосексуалец, а по неговата смрт се појавиле гласини дека извршил самоубиство од страв да не биде осуден поради хомосексуалноста, но неговите биографи ја отфрлаат оваа можност. Хомосексуалноста во Советскиот Сојуз била забранета, а во современа Русија овој аспект од приватниот живот на композиторот неодамна доби важност, откако беше снимен филм за неговиот живот.