„Гугл букс“ има огромен каталог и можете да ги приспособите поставките за пребарување за да прикажуваат само бесплатни електронски книги. Проектот „Гутенберг“, исто така, нуди илјадници бесплатни книги што можат да се читаат на компјутер или да се испраќаат директно до вашиот е-читач

Добра вест дури и за љубителите на литературата е што постојат книги и безброј материјали за читање бесплатно достапни на интернет. Читателите што се навикнати да ги поминуваат своите викенди во книжарници или во библиотеки, можеби ќе доживеат литературно повлекување. Многу од овие јавни простори се затворени за да се намали опасноста од ширење на коронавирусот.
Но сè уште постојат начини да дојдете до вашите омилени книги дури и без да излезете од вашиот дом. На повеќе места во светот, голем број книжарници ги приспособуваат опциите за испорака на книги, а за оние што се обидуваат да ги намалат трошоците за време на оваа криза, постојат и многу бесплатни начини. Ви ги претставуваме најдобрите начини да продолжите да читате.

Доколку вашата локална библиотека не овозможува испорака на книги во овој период, или, пак, нема опција за онлајн-издавање книги, нема причина за очајување. Денес кога толку многу нешта се лесно достапни на интернет, книгите исто така се сѐ помал проблем. Постојат илјадници книги во јавниот домен што се дигитализирани и поставени во целост на интернет. „Гугл букс“ има огромен каталог и можете да ги приспособите поставките за пребарување за да прикажуваат само бесплатни електронски книги. Проектот „Гутенберг“, исто така, нуди илјадници бесплатни книги што можат да се читаат на компјутер или да се испраќаат директно до вашиот е-читач.
Разбирливо е да почне да ви недостига позајмувањето книги од пријатели, сепак, тоа е еден вид љубовен јазик, но безбедноста сега е приоритетна.

Затоа, е-читачите како „Киндл“ или „Нук“ нудат начин да се продолжи со оваа практика. Овој метод за размена на книги, исто така, решава еден од најстарите проблеми: враќање книги. Позајмените книги автоматски се враќаат на уредот на сопственикот по истекот на 14 дена.
Апликациите за видеоразговори исто така го олеснуваат одржувањето на виртуелните читателски клубови, каде што членовите можат да дискутираат за заедничка книга заедно, додека се во своите домови.

Но што станува со аудиокнигите? Сега кога училиштата се затворени, писателите и издавачките компании се здружуваат за да помогнат во исполнувањето на празнината, нудејќи програми за да ги забавуваат децата. „Аудибл“, на пример, им нуди на децата и на тинејџерите можност да слушаат аудиокниги бесплатно, вклучувајќи стотици звучни оригинали, бајки или класични книги на повеќе јазици. Па, така, тие можат да ја слушаат Скарлет Јохансон како ја чита книгата „Алиса во земјата на чудата“, или, пак, да започнат со учење на основите на шпанскиот јазик. За возрасните, пак, постои „Либривокс“, дигитална архива на аудиокниги од јавен домен, прочитани од волонтери. А доколку досега не сте се обиделе со „Аудибл“ или со „Скрибд“, каде што можете да се претплатите за месечен пристап до е-книги или аудиокниги, овие платформи нудат можност за бесплатен пробен период.

Но доколку по секоја цена претпочитате физичка книга, таа опција, за среќа, се уште постои. Во тој случај, би можеле да ги нарачате вашите омилени книги од „Амазон“, но земете предвид дека во овој период се испорачуваат приоритетните пратки, па можно е да чекате малку подолго.