Во чешката амбасада ќе биде отворена изложба на фотографии под наслов „1989 низ очите на фотографот“, каде што ќе бидат презентирани вистински фотографии што го документираат историскиот настан

Во рамките на почнатите „Чешки денови“, на 30-годишнината од познатата „Кадифена револуција“ во некогашна Чехословачка, деновиве, во организација на Амбасадата на Република Чешка во Скопје, ќе бидат одржани неколку настани поврзани со неа. Од 14 до 19 октомври во Кинотеката на Македонија, во рамките на меѓународниот филмски фестивал на духовни и хумани човекови вредности „Богородичен покров“, ќе може да се погледнат два чешки документарни филма:,,Црвена“ од режисерката Олга Сомерова и,,Мојот век“ од режисерката Теодора Ремундова.

На 29 октомври, пак, во чешката амбасада ќе биде отворена изложба на фотографии под наслов „1989 низ очите на фотографот“, каде што ќе бидат презентирани вистински фотографии што го документираат историскиот настан. Соодветна изложба на фотографии ќе може да се погледне и на 31 октомври, во хотелот „Холидеј ин“, на најавеното „Чешко утринско кафе“. Циклус на чешки филмови сочинет од,,Граѓанинот Хавел“, во режија на Мирослав Јанек и Павел Коутецки,,,Чад“ во режија на Томаш Ворел,,,Животот според Вацлав Хавел“, во режија на Андреа Седлачкова, и,,Времето на слугите“, во режија на Ирена Павласкова, ќе биде прикажан на претстојниот фестивал на европскиот филм,,Синедејс“ на 2 и 3 ноември, додека една од најпознатите театарски претстави на Вацлав Хавел,,,Аудиенција“, ќе биде на репертоарот на Македонскиот народен театар на 8 ноември.

За периодот од 28 до 30 ноември е најавено гостување на чешки музички бендови, додека гостувањето на најпознатиот современ чешки писател Михал Вивег и промоцијата на неговата книга,,Воспитување девојки во Чешка“ беше неодамна на програмата на „Европскиот фестивал за литература“. Михал Вивег (1962) е еден од најпопуларните и најпродавани современи чешки писатели. Дипломирал чешки јазик и педагогија. Како романсиер, драматург, сценарист и автор на раскази и колумни пишува со многу хумор и оригинална иронија постигнувајќи длабоки значења. Од крајот на 1990-тите, секоја пролет објавува по една книга. Преведуван е на 25 јазици. Добитник е на наградите за литература „Јиржи Ортен“ и „Магнезија литера“. Неговите книги се распродадени во милион примероци само во Чешка.