Ако сѐ одеше според планираното, изложбата што беше отворена лани во Бразил, на која се најдоа детски цртежи со зборовите „трансвестит“ и „геј-дете“, најверојатно ќе поминеше незабележано на пребогатата уметничка сцена во оваа земја.
Гауденсио Фиделис, кустосот што собра 264 уметнички дела за изложбата, беше подготвен за критики. Но никако не беше подготвен за бурата контроверзии, кои ја затворија изложбата во рок од само неколку дена. Дури и по нејзиното затворање, лавината од критики го одржуваше медиумскиот интерес за проектот и поттикна едномесечна дебата за слободата на изразување и за тоа што може да се квалификува како уметност.

По речиси целогодишна аргументирана расправа, изложбата, на која се наоѓа и сликата на Девицата Марија како гушка мајмун, како и свети предмети на кои се испишани зборовите „вагина“ и „пенис“, повторно беше отворена во „Паркот Лаге“ во Рио де Жанеиро, домот на истакнатата уметничка школа.

– Соочени со цензурата и затворањето на „Квир-музејот“, немавме друга алтернатива освен да реагираме со верба дека ќе победиме во иднината – им рече Фиделис на посетителите за време на повторното отворање.

Додека тој зборуваше, имаше мала група луѓе што протестираа, држејќи го знамето на Бразил и верски транспаренти. Спорната изложба фрли светло врз борбата за правата на геј и трансродовите лица во Бразил.

Во последниве десет години регионот напредуваше во борбата за правата на геј и трансродовата популација. Бразил ги призна истополовите заедници во 2004-та, а во 2013-та беше една од првите држави на американскиот континент што ги признаа истополовите бракови. Сепак, во Бразил борците за геј и трансродови права го трасираа патот преку судовите, а не преку Собранието, во кое гласачите сѐ почесто избираат конзервативни политичари.

– Врската помеѓу законските измени и сѐ поголемото општествено прифаќање на членовите на ЛГБТ-заедницата не е директна – вели Фабрис Худар, кој се занимава со човекови права во рамките на Обединетите нации.

Во неколку места на Латинска Америка, правните акти се сменија побрзо отколку ставовите на луѓето. Во политичката арена, која станува сѐ понепријателски настроена, активистите се свртеа за поддршка кон уметноста и приватниот сектор. Ова беше еден од мотивите што го поттикнаа Фабио Шварцвалд, директорот на уметничката школа „Паркот Лаге“, да ја воскресне изложбата „Квир-музеј“. За да ја финансира, Шварцвалд започна кампања за собирање онлајн-средства, при што беа собрани 327.000 долари, што претставува рекорд за Бразил.

Борбата околу изложбата избувна само неколку дена по нејзиното отворање, во септември минатата година, во културниот центар Банко Сантандер (една од најголемите банки во Бразил) во Порто Алегре. Демонстрантите ја критикуваа изложбата поради, како што сметаа, понижувањето на католичките симболи и промоцијата на зоофилија и педофилија. Архиепископијата во Порто Алегре издаде соопштение во кое делата ги нарече „напад врз јудеохристијанската култура, која придонесе за културно формирање на Западот“.

– Во време на тероризам и нетолеранција, не можете да градите мостови со агресија и непочитување на она што им е најблиско и најсвето на другите – верата и нивните тела – рекоа оттаму.

Протестите доведоа до затворање на изложбата од страна на директорите на банката. Фидели најпрвин се обиде да ја пресели изложбата во Уметничкиот музеј на Рио. Но градоначалникот Марсело Сривелја, кој е евангелистички проповедник, изјави дека оваа институција, која е финансирана од буџетот, нема да биде домаќин на ваква изложба.

Тогаш во пресрет излезе уметничката школа. На денот на отворање на изложбата, меѓу првите пристигнаа и дваесетина демонстранти. Носејќи транспаренти, тие извикуваа дека бласфемијата не може да се крие зад уметноста.
Веднаш попладнето, редот за влез на изложбата се протегаше по должината на целиот блок. Во првиот викенд од отворањето, изложбата, кој траеше до вчера, ја посетија 7.000 луѓе.

– Посетеноста е доказ дека кариоките не прифаќаат цензура – рече Шварцвалд, користејќи го популарниот назив за жителите на Рио де Жанеиро.