„Неолитско село“, музејот под отворено на археолошкиот локалитет Тумба Маџари во Скопје, веќе може да се посети виртуелно. Виртуелната тура низ него е овозможена преку линкот http://tumbamadzari.mk/mk/ и е наменета пред сѐ за заинтересираните посетители, кои во овој период не можат физички да бидат на локалитетот бидејќи е затворен, во согласност со здравствените препораки за заштита од актуелната пандемија на коронавирусот.
Автори на техничката реализација и на подготовката на виртуелната тура се Дончо Наумовски и Елена Стојанова Канзурова.

– Тумба Маџари од 2008 година е актуелен локалитет, со анимирање на јавноста преку научни, едукативни и туристички активности за сите возрасти. Во музејот под отворено, „Неолитско село“, се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура. Во нивната внатрешност преку копии на разновиден движен и недвижен покуќнински инвентар, како и на сцени од секојдневниот живот, е направен обид за реконструкција на дел од животот на неолитскиот човек, кој живеел на територијата од Македонија и пошироко пред 8.000 години – потсетија од Археолошкиот музеј во Скопје, од каде што укажуваат дека неодамна во ова неолитско село е завршен проект финансиран со грант од Европската Унија, преку програмата „Прекугранична иницијатива за културна размена (МАКС ФОРУМ)“.

Проектот бил наменет за доуредување на тамошната продавница за сувенири и за обновување на постојните содржини во комплексот, кои досега се успешно користени за поголема популаризација на археолошкиот локалитет Тумба Маџари и на вредностите на неолитската култура на територијата на Македонија.