Вечерва завршува јубилејното 55-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“

„И коњите ги убиваат, зар не?“ на Битолскиот театар е победник на 55–от МТФ „Војдан Чернодрински“. Освен награда за уметничко остварување на претстава во целина освои уште две други награди – за режија на Мартин Кочовски и за музика на групата Фолтин, соопшти оценувачката комисија на јубилејното издание на МТФ, во состав Звездана Ангеловска, претседател и членовите Бајруш Мјаку и Александар Миљосављевиќ. Жирито наградата за севкупен ументички ангажман на режисерот и на актерите ја додели на претставата „Мојот маж“, во режија на Нела Витошевиќ, на Драмскиот театар од Скопје.

Наградата за рекламен материјал замина во рацете на Борче Димитријоски за претставата „Едвард раце ножици“, наградата за кореографија и сценски движења замина кај Игор Киров за кореографијата во претставата „Едип коментари“ на Штипскиот театар. Роза Трајчевска–Ристоска ја добива наградата за костимографија за костимите во претставата „Мојот маж“.

Наградата за сценографија ѝ припадна на Ивана Кнез за сценографијата во претставата „Глембаеви“ на прилепскиот театар. Наградата за современа сценска драматизација ја добиваат Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова–Петровска за драматизација на колажот од раскази на Румена Бужаровска во претставата „Мојот маж“ на Драмскиот театар.

Младиот прилепски актер Исидор Јованоски е добитник на наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ за улогата Оливер Глембај во претставата „Глембаеви“ на прилепскиот театар. Наградата за млада актерка ја освои Сабина Мемиши за улогата Олга во претставата „Мурлин Мурлов“ на Албанскиот театар. Наградата за женска епизодна улога ја доби Гентиана Рамадани за улогата Ина во претставата „Мурлин Мурло“.

Наградата за машка епизодна улога „Димче Трајкоски“ отиде во рацете на Горан Стојаноски за улогата Силвестер во претставата „Крик за љубов“ на Охридскиот театар.

Наградата за главна машка улога се додели на Јордан Симонов за улогата Филип во претставата „Мој термин“ на МНТ, додека наградата за главна женска улога на Наталија Теодосиева за неколкуте ликови во претставата „Мојот маж“.

Завесата на јубилејното 55-то издание на МТФ „Војдан Чернодриски“ се спушта вечерва. Од 19 часот на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ ќе се одигра омажот „Драмски за Конески“.

Ка.М.