Целата криза со пандемијата и изоставањето на поддршката од институциите не може да ја спречат идејата фестивалот да постои и да опстои, борејќи се со сите предрасуди и промовирајќи квалитетна содржина за сите што сакаат добра книжевност, велат организаторите

Издавачката куќа „Антолог“ го најавува шестото издание на фестивалот на европската литература „Книжевни ѕвезди“, кој оваа година преку различни настани и активности ќе го опфати цел октомври. Под слоганот „Букстар-20 в.с. ковид-19“, фестивалот оваа година излегува од стандардната рамка на гостувања на автори и книжевни промоции и ќе се обиде на литературата и на уметноста да им даде нова димензија и начин на перципирање.
– Целата криза со пандемијата на коронавирусот и изоставањето на поддршката од страна на институциите не може да ја спречат идејата фестивалот да постои и да опстои, борејќи се со сите предрасуди и промовирајќи квалитетна содржина за сите што сакаат добра книжевност. Фестивалот е од социјално ангажиран карактер и негова цел е да разбранува интерес кај пошироката јавност, нудејќи тематики што помагаат полесно да се разберат проблемите со кои се соочува општеството денес – велат организаторите.
Импозантни се и бројот и еминентноста на писателите што изминаа на фестивалот во минатите пет години.

– Овој фестивал е лична севда и визија уште од студентските денови, пред петнаесетина години. За жал, или за среќа, успеа да стане стварност во 2015 година, а минатата година на првиот јубилеј направивме фестивал што долго ќе се памети и ќе се прераскажува. Единствен логичен исход од сево ова беше дека годинава ќе ја добиеме целосната доверба и поддршка од државните институции. Наместо тоа, бевме цензурирани. Во време на пекање по европски вредности беше сторен обид за убиство на првиот фестивал на европска литература. Додека гледавме како приватни журки или настани со нула реноме меѓу публиката добиваат десетици илјади евра од државната каса, брендот на „Букстар“ беше намерно заобиколен во листата на проекти и манифестации од национален интерес. За жал, одговорните не ја поправија својата грешка понатаму и не ја прифатија нашата жалба и со тоа направија уште поголемо злосторство кон европската и кон македонската литература, но и кон угледот на самото министерство. Како и да е, нашата издавачка куќа, како и секогаш претходно, со сопствени ресурси ќе најде начин и годинава фестивалот да опстои, а тоа ќе биде низ една зачестена промотивна активност во текот на октомври – вели Жарко Кујунџиски, главен уредник на „Антолог“ и директор на фестивалот.

Така, првиот настан е изложбата на фотографии на македонскиот режисер Милчо Манчевски во Музејот на современата уметност – промоција на книга со фотографии од изложбата, насловена „Таму“, издание на „Антолог“. Во книгата и изложбата се избрани 88 колор-фотографии, создавани во период од десет години.
– Го искомбиниравме перфекционизмот на Манчевски со нашите највисоки издавачки стандарди за да создадеме една прекрасна приказна – моменти, фатени од најпрецизно око и објектив, без кропирање и фотошоп, сплотени во остварување што ќе донесе нова свежина во светот на фотографијата и книгоиздателството. Од неодамна во нашиот издавачки опус е вклучена едицијата „Сталагмити-сталактити“, со која отвораме ново поглавје на вклучување визуелни уметности, и неизмерно е задоволството што уште на самиот почеток на оваа едиција, како втора книга издаваме вакво вредно дело од нашиот најпознат режисер и автор – велат од „Антолог“.
Следниот фестивалски настан е промоцијата на книгата „Шардоне и шпагети карбонара“ од младата македонска авторка Марта Димитров, која ќе се одржи на 5 октомври во 19 часот, во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, родниот град на авторката. Книгата ќе ја промовира рецензентката Цветанка Колева, а модератор на настанот ќе биде Диме Коцевски. Со оваа книжевна промоција, издавачката куќа „Антолог“ уште еднаш потврдува дека и во овие тешки времиња ги поддржува младите македонски автори и нивните книжевни дела.

На 7 октомври ќе се одржи третиот фестивалски настан, онлајн разговор со шведската авторка Софија Лундберј, авторка на „Црвениот адресар“ и на „Прашалникот е половина срце“, кој ќе се прикажува во книжарницата на „Антолог“ во Центар, со почеток во 19 часот. Разговорот ќе го води Кристина Велевска. Софија Лундберј (1974) е шведска писателка и новинарка, која за многу кратко време стана меѓународна сензација. Објавена е на 34 јазици. Книжевната критика е восхитена од нејзината моќ да ги обезоружи читателите и да ги однесе на патување низ времето и просторот, низ љубовта и загубата. Несомнено, таа е новата ѕвезда на скандинавската литература. Оваа шведска авторка беше меѓу планираните гости за годинашното издание на фестивалот, но поради наведените причини нејзиното гостување ќе мора да се реализира на овој начин.

Во текот на октомври ќе следуваат и други физички, но и онлајн настани, при што, како и секоја година, организаторите ќе се обидат да ги доближат најдобрите европски и домашни автори до македонската публика. Настаните ќе бидат најавувани на официјалниот настан на Фејсбук. Во духот на традицијата, цел октомври ќе биде и месец на европската литература и сите изданија поддржани од проектот „Креативна Европа“ на Европската Унија ќе се продаваат по специјални намалени цени.
Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Марко Трпески.