Фото: Роман Мачек

Годинава за учество на колонијата во селото Слоештица се поканети и чешки фотографи

Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт Гумно“ од селото Слоештица, кој веќе 18 години ги слави уметноста и животот во подножјето на т.н. Модра Планина (Плакенска Планина), и годинава, и покрај пандемијата на ковид-19, независно од случувањата дома и во светот, продолжува со реализација на креативни проекти.
– Сакавме на оригинален начин да се вклучиме во чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Со нашето учество сакаме да ги истакнеме важноста и големината на Конески, претворајќи ги стиховите од неговата песна „Везилка“ во слики, скулптури, фотографии и други облици на ликовниот израз. Веќе комуницираме со одговорните луѓе од реномираната чешка и европска „Либеречка школа за фотографија“, со која воспоставивме прекрасна соработка уште во 2018 година. Тогаш девет професори и студенти фотографи крстосуваа низ селата на Демир Хисар, во текот на седум дена, за да ги овековечат магијата на пределот и духот на локалното население, инспирирани од песната на Петре М. Андреевски „Можев да ти бидам“ – пофалба на Демир Хисар. Освен чешките фотографи, планираме да поканиме и неколкумина европски уметници, со акцент на млади уметници, бидејќи една од нашите заложби е да поддржуваме талентирани млади автори – изјавија деновиве Сергеј и Ирена Андреевски, раководните луѓе на „Арт поинт Гумно“.

Тие и во оваа пригода истакнуваат дека во овој центар се создава врвна уметност, но дека нивната мисија е многу поголема, дека низ годините покажале како преку уметноста оживуваат селата, како се промовира традицијата, се прошируваат видиците и се раѓаат вечни пријателства. Како се градат мостови меѓу навидум непремостливи јазови, а пред сè се создаваат културни амбасадори за Македонија.
– Нашето уметничко семејство го сочинуваат над 75 уметници. Ако се земе предвид дека секој уметник претставува цел еден свет, а сите тие заедно повторно го претставуваат сиот свет, не случајно академик Влада Урошевиќ ќе рече дека Слоештица е име за цел еден свет. Ова секако, и пред сè, и во контекст на фактот што сликата за Слоештица, сликата за нејзините предели и луѓе, за нејзината природа и за нејзините духовни блага, и преку пишаниот збор на Петре М. Андреевски го започна својот пат низ светот. Каменот фрлен во вода пропаѓа, но тој сепак остава трага на нејзината површина во форма на концентрични кругови, а тие зрачат и понатаму низ водата. Така и ние работиме во Слоештица, центарот на светот. А за Слоештица и нејзините води, нашиот соработник Антоно Павловски напиша: „А нашиот роднокрај спие на води и покрај води. И целиот живот се одвива покрај водите. Не залудно бистрите демирхисарци за Слојштица викаат дека е нашата Венеција – таму бездруго секоја река има своја сопствена река“ – рекоа Сергеј и Ирина Андреевски.

Тие потсетија дека лани, во услови на време невреме, организираа уметничка работилница што им ја посветија токму на водите. Од 25 септември до 5 октомври 2020 првпат во центарот имаа шест македонски уметници: Дијана Томиќ-Радевска, Сашо Саздовски, Пандора Апостолоска Саздовска, Филип Велковски, Горан Ристовски и Кети Талевска, кои во целосен творечки карантин создаваа инспирирани од темата „Звукот на Бела Река“. За ексклузивитет на минатогодишното издание на уметничката колонија се смета потпишувањето на повелбата за збратимување, со која по 15 години соработка, „Арт поинт Гумно“ и ликовната колонија „Де Ниро“ од селото Цапари и официјално „ги вкрстија четките“.