Годинава се добија нови податоци за архитектонската комплексност на населбата, при што се регистрираа повеќе фази на градење на станбените и стопанските објекти, и тоа во период меѓу 200 и 250 години. Материјалната култура покажува непречен континуитет во производството на садови, фигурини и алатки, кои го потврдуваат стабилниот развој на населбата и нејзиното население

Завршија годинашните истражувања на Врбјанска Чука, кои беа продолжување на започнатата кампања на локалитетот, а чија цел беше мултидисциплинарно истражување на неолитската населба и подоцнежните етапи во антиката и средниот век. Годинашните истражувања беа насочени кон детално регистрирање на фазите низ кои се развивала населбата и толкување на нејзиниот стопански и религиозен живот преку примената на повеќе науки.

– Годинава се добија нови податоци за архитектонската комплексност на населбата, при што се регистрираа повеќе фази на градење на станбените и стопанските објекти, и тоа во период меѓу 200 и 250 години. Материјалната култура покажува непречен континуитет во производството на садови, фигурини и алатки, кои го потврдуваат стабилниот развој на населбата и нејзиното население. За високите стопански и естетски обележја на заедницата говорат големиот број објекти за чување и обработка на жито (амбари, сандаци и печки), како и извонредно изработените садови, човечки претстави и накит. Археоботаничките анализи ги дополнуваат сознанијата за почетоците на земјоделството во Пелагонија и ги збогатија податоците за постоењето на повеќе вида растенија – вели Гоце Наумов од Центарот за истражување на праисторијата.

Во рамките на истражувањето се вршеле ортофотографско документирање, 3Д-моделирање на археолошките контексти и објекти, ласерско скенирање на сондата и детална стратиграфска анализа на артефактите.

– Во текот на ископувањето, во самата археолошка сонда беше организиран соло-концерт на пијанистката Дуња Иванова, на кој присуствуваа гости од локалните села и повеќе градови од Македонија. Истражувањето беше исто така проследено со снимање филм од страна на Хрватскиот аудиовизуелен центар, кој ја вклучува работата на Врбјанска Чука. Сознанијата добиени од годинешните истражувања ќе бидат презентирани на повеќе конференции и вклучени во неколку научни труда што ќе се објават во македонски и европски научни списанија и зборници – додава Наумов.

Во истражувањето, освен Центарот за истражување на предисторијата, беа вклучени и Институтот за старословенска култура, Заводот и музеј – Прилеп, Музејот на Македонија и Универзитетот во Базел, додека повеќе други универзитети од Европа се ангажирани во лабораториското проучување на примероците од органски остатоци, орудија, архитектура итн.