Исклучителен настап на Наташа Диденко во Созопол

Македонската виолинистка Наташа Диденко, како претставничка на земјава во музичкиот дел, настапи на меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“ во Созопол, Бугарија. Таа имаше соло-концерт во Археолошкиот музеј, во ова познато летувалиште на Црно Море.

– Првпат настапив на овој фестивал, а на концертот помеѓу многубројните локални посетители имаше гости и од Франција и од Русија. Концертот се одржа во единствениот амбиент на Археолошкиот музеј, каде што има предмети и археолошки ископини стари и по 2.000 години. Домаќините беа презадоволни од мојот настап и ме поканија да гостувам и во други пригоди повторно тука, но и во други градови и летувалиште во земјата – истакна Диденко, нагласувајќи дека концертот беше организиран со поддршка од Културно-информативниот центар на нашата земја во Софија. Покрај Диденко, на фестивалот во Созопол со свои дела беа претставени четворица ликовни уметници од земјава, а беа прикажани и три краткометражни филма за Охрид, Струга и за Крушево.