По повод ненадејното заминување на Димитар Масевски, публицистот, историчар и хроничар на градот Куманово, покренувач и главен уредник на списанието „Корени“, директорката на Институтот за македонска литература, Маја Јакимовска-Тошиќ, изрази жалење, посочувајќи дека Масевски беше соработник на Институтот и на повеќе институции од областа на науката и културата во Македонија.
Димитар Масевски е роден во Куманово во 1947 година. Филозофски факултет, група историја, завршил во Скопје во 1973 година. Извршувал повеќе значајни функции: од 1976 до 1986 година директор на Историскиот архив во Куманово, од 1986 до 1999 година главен и одговорен уредник на НРИО „Наш весник“, во кој дејствуваа весникот „Наш весник“ и Радио Куманово, а од 1994 година и Телевизија Куманово. Поттикнувач е и претседател на друштвото за наука и култура „Парадигма“.
– Повеќедеценискиот истражувачки интерес на Димитар Масевски беше втемелен во изработката на трудови, изданија, монографии посветени на градот Куманово, базирани врз архивско и теренско истражувачко искуство. Извонредно значајни се неговите заслуги во својство на главен и одговорен уредник на полијазичното и интердисциплинарно списание „Корени“, едитирано заклучно со специјализираните броеви 53 и 54, насловени „Куманово – Сјајот од минатите времиња/Култните кумановски јавни градби и дел од старата амбиентална архитектура (историски приказ)“, по повод 500 години Куманово (1519 – 2019).

Автор е на повеќе изданија: на монографијата за Куманово (во коавторство со Миодраг Арсовски-Болто) во 1996, 2004; на публикацијата „Витражите на Куманово“ (2004, 2006, второ издание), на културолошки профилираната монографија „Кумановска кафеана“, на голем број колумни, фељтони, историски прикази за градот Куманово објавувани на страниците на „Наш весник“, „Беседа“, „Корени“ итн. Потеклото на авторот, работата и животот во градот Куманово, ја одредуваат и неговата пасионирана посветеност врз проследување на општествените, политичките, социолошките фактори што влијаеле врз неговото културно живеење. Во Димитар Масевски градот Куманово го имаше најпасионираниот хроничар. Материјалите во неговите изданија, и покрај научноистражувачката димензија, никогаш не се суво документирани, доближени се непосредно до граѓаните на Куманово, бидејќи тие ги носат менталитетот и духот на градот, со што сугестивно во записите се идентификува Масевски. Куманово во неговите монографии низ многубројните написи, фотографии и факсимили е доловено како простор низ кој истовремено поминуваат времињата и луѓето со нивните јавни манифестации и лични судбини, во чиј јавен градски простор се мешаат и судираат лингвистиката, историјата, економијата, културата, приватноста…

Во неговите прилози се редат голем број топоними, локалитети, објекти, неимари, архитекти, автори, жители на градот. Неговите монографии се извонредни водичи и прирачници за секој што пројавува желба за исцрпно, но и за информативно запознавање со градителско-цивилизацискиот, историскиот и приватниот живот на Куманово. Со своите хроничарски навраќања, Масевски имаше интенција да ја генерира визијата за натамошен развој на градот, како завештание до потомците и идните поколенија. Димитар Масевски беше пример за минуциозен аналитичар, иновативен поттикнувач на проекти од областа на културата, со творечко љубопитство, со изразита комуникативна дарба, а за нас кои го познаваме секогаш беше интересен собеседник. Слава му! – напиша Маја Јакимовска-Тошиќ