Замина поетот, прозаист, драмски автор, преведувач и академик Богомил Ѓузел. Друштвото на писателите на Македонија на својата фејсбук-страница по повод смртта ја помести и песната „Орелот на Прометеј“ на Ѓузел, која ја пренесуваме во целост.
Богомил Ѓузел е роден на 9.2.1939 г. во Чачак, Србија. Израснал и се школувал во Скопје, каде што и дипломирал на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“.
Автор е на поетските збирки: „Медовина“, „Алхемиска ружа“, „Мироносници“ (награда „Браќа Миладиновци“), „Одисеј во пеколот“, „Бунар во времето“ (награда „Браќа Миладиновци“) и др. Неговите стихови се преведени на англиски, српски, чешки, француски јазик.
Застапен е во многу македонски и југословенски поетски антологии објавени по 1965 година, на повеќе од дваесетина странски јазици. Богомил Ѓузел е автор и на еден избор од современата македонска поезија објавен во Белгија, посебно на фламански и на француски јазик. Негови попознати прозни книги се: „Историјата како маштеа“,,,Куќа цел свет“, „Мито-стории“, „Легенди“, „Црна“, „Апокалипса“, „Бовча“.
Необјавени драми: „Јагне на ражен“, единствената наградена драма на ТВ-конкурсот во 1982 (и оттогаш емитувана неколкупати); и на англиски (заедно со Карма Ибзен, САД) и на македонски „Месечев цвет“, праизведба во Драмски театар, 1998.
На македонски јазик Богомил Ѓузел ги превел: Т.С. Елиот, В.Х. Одн, Емили Дикинсон, Чарлс Симиќ, Самјуел Бекет, Амир Ор, Шејмас Хини, Том Пецинис, Вилијам Шекспир, Луис Керол и др.


Орелот на Прометеј

Кавказ и за мене е кафез.
Иако не сум прикован
за карпана
јас морам по цел ден
да му го колвам џигерот
па ноќе, јасно,
сум сосема папсан.
Дур нему џигерот
му се обновува и расте
јас сонувам за бескрајните
пространства
што некогаш ги летав слободен
пред боговите да ми ја
дадат гаднава работа.
А тие ни сами веќе не знаат
што сакаат.
Ми велат – колви го,
но не премногу за да не пцојса;
нека го боли, но понекогаш
и заскокоткај го
за да ждригне она што мисли…
Но јас не го разбирам ни она што го збори!
– Како тоа, кога си му утробата,
кога знаеш што јаде и што пие?
Научи му го јазикот
на клетките!
Хм, божем богови,
а ништо не разбираат.
Дур јас го колвам,
без ништо да му можам,
глувци и стаорци им ги јадат дур и жртвите
што луѓето уште
им ги пренесуваат
а не пак летнината
и зимнината.
Јас, пак, сум толку наколкан што не можам да летам
(а да јадам џигер замразив за довек!)
Тие, кутрите, мислат
– Прометеј е само џигерот.